Dzihat Aliju
09 Август 2016•Ажурирај: 10 Август 2016
СКОПЈЕ (АА) - Турската агенција за координација и развој (ТИКА) им помогна на луѓето кои беа погодени од поплавите во изминатиот викенд, јавува Anadolu Agency (AA).
Турскиот амбасадор во Македонија, Омур Шолендил, координаторот на ТИКА во Скопје, Теоман Тирјаки, заедно со делегацијата го посетија маалото Хасанбег, коешто беше погодено од поплавите.
Амбасадорот Шолендил за новинарите изјави дека турската држава и народ стоеле и ќе продолжат да стојат зад пријателската и братска држава Македонија.
Шолендил истакна дека од моментот на настанувањето на катастрофата воспоставиле контакт со македонските власти: „Некои наши општини во Турција, а и АФАД и ТИКА почнаа да работат за да ја обезбедат потребната помош. ТИКА веќе ги започна подготовките со цел да се задоволат сите потреби на погодените, ќе бидат обезбедени потребните материјали и потребната опрема“.
Шолендил истакна дека ќе ги посетат и другите села во реонот што беа погодени од поплавите. Тој од Бог посака милост за починатите и исцеление за повредените, како и повеќе да не се повторат ваквите катастрофи.
Од друга страна, координаторот на ТИКА во Скопје, Теоман Тирјаки потсети дека по настанувањето на катастрофата ги посетиле погодените села, каде што направиле проценка на штетата.
Во овој контекст, Тирјаки истакна дека за погодените семејства од катастрофата, како прво во населбата Хасанбег, но и во другите села во областа, подготвиле пакети за помош.
„Овие пакети почнавме да ги делиме уште од вчера. Во овој контекст, тие активности ги спроведовме заедно со локалните невладини организации“, рече тој.
Тирјаки посака друг пат да не настане ваква болна катастрофа и додаде дека самата агенција ТИКА, колку што ќе може ќе ја продолжи својата поддршка.
ТИКА, во контекст на активностите за помош на погодените од катастрофата, во областа ќе подели 500 пакети за помош.
Амбасадорот Шолендил и делегацијата ги посетија и другите села во погодената област. Исто така, за да изрази сочуство, тој посети и една куќа во Хасанбег во која има жртва.