Senada Ibraimova
09 Јануари 2017•Ажурирај: 10 Јануари 2017
СКОПЈЕ (АА) – Претседателот Ѓорге Иванов денес му го врачи мандатот за состав на Влада на Република Македонија на претседателот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, јавува Anadolu Agency (AA).
Рокот за доверување на мандатот за формирање на Влада на партијата која освои најмногу пратеници на предвремените парламентарни избори од 11. декември минатата година, беше до денес. Претседателот Иванов, денес му го врачи мандатот за формирање Влада на претседателот на политичката партија ВМРО – ДПМНЕ, Никола Груевски, која освои 51 мандат за пратеници на предвремените избори.
Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата.
Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Деветтиот македонски парламентарен состав, кој има 120 народни избраници, се конституираше на 30. декември минатата година. Најмногу пратеници има коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, 51, Коалицијата предводена од СДСМ има 49 мандати, ДУИ 10, движењето БЕСА - 5, Алијанса на Албанците - 3 и ДПА - 2.
Во овој парламентарен состав нема народни избраници од дијаспората поради недоволен број освоени гласови.