Zülfiya Yakup
14 Декември 2015•Ажурирај: 15 Декември 2015
ПРИШТИНА (АА) - Седницата на Собранието на Косово повторно започна со фрлање на солзавец од претставниците на опозицијата, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Собранието на Косово, Кадри Весели, даде пауза со цел да се овозможат услови за работа на пратениците и свика состанок на Претседателството на Собранието. Се очекува одлука за суспендирање на опозиционите пратеници, исто како и на последното заседавање на Собранието.
На дневниот ред на денешната пленарна седница има 28 точки, меѓу кои и второто читање на нацрт законот за буџетот за 2016 година. Опозицијата, која бара да се повлечат договорите за Заедница на општините со српско мнозинство и за демаркација на границата со Црна Гора, три месеци користи солзавец за да ја блокира работата на Собранието на Косово.
Во собраниската сала видени се пратениците на „Самоопределување“ Фисник Исмаили и Фатон Топали, кои се во домашен притвор поради претходно фрлање на солзавец во Собранието.
Пред зградата на Собранието на Косово се собраа неколку десетици активисти на опозицијата.
Утринава од опозициското движење „Самоопределување“ соопштено е дека нивниот пратеник Исмаил Куртеши е уапсен во својата куќа и префрлен во судот. Тој, иако е во домашен притвор поради фрлање солзавец во собраниската сала, се појави во саботата на протестот на обединетата косовска опозиција во Гњилане на кој одржа и говор.
Во едномесечен притвор се наоѓаат пратениците од движењето „Самоопределување“, Албулена Хаџиу и Албин Курти.