Admir Fazlagic
06 Јуни 2017•Ажурирај: 07 Јуни 2017
СКОПЈЕ (АА) - Илјадници граѓани денеска се собраа на централниот градски плоштад во Скопје да ги дочекаат ракометарите на „Вардар“, по освоената титула во Европската лига на шампиони во Келн, Германија, јавува Anadolu Agency (AA).
Со знамиња на Македонија и Вардар, со навивачки песни и со громогласен аплауз денеска беа дочекани новите европски шампиони во ракомет кои ги поздравија илјадници собрани граѓани во нивна чест.
Членовите на европскиот ракометен шампион Вардар им се обратија на навивачите на скопскиот плоштад кои и покрај многу топлото време во илјадници се собраа да ги поздрават ракометарите.
Сите ракометари поединечно се обратија до присутните граѓани заблагодарувајќи се на огромната поддршка што ја добија во текот на сите овие години, посебно на финалниот меч во Келн кога Вардар стана европски шампион.
На присутните им се обрати и тренерот на ракометниот клуб Вардар, Раул Гонзалес кој истакна дека цела Македонија е горда на овие ракометари кои одиграле со срце и памет.
Исто така, свои честитки од бината упати и сопственикот и претседател на Вардар, кој им се заблагодари на навивачите за огромната поддршка што клубот ја имаше во текот на целата сезона како и во претходните години.
Пред да дојдат на градскиот плоштад, ракометарите утрово слетаа на аеродромот „Александар Велики“ , од каде што се упатија кон Скопје низ главните булевари. Нивното доаѓање го проследија бројни граѓани кои ги поздравија и им го честитаа постигнатиот европски успех.
Потсетуваме, екипата на ракометниот македонски клуб Вардар е нов европски првак, откако во неделата во Келн, Германија, во финалето на ракометната Лига на шампионите, го победи францускиот Пари Сен Жермен со 24:23, со што Македонија го доби првиот европски ракометен шампион во машка конкуренција и по 15 години повторно има екипа континентален првак.
По тој повод, претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, донесе одлука да ги одликува членовите на ракометниот клуб Вардар со „Медал за заслуги за Македонија“, а на РК „Вардар“ ќе му биде доделено високо признание „Повелба на Република Македонија“.
Честитки за постигнатиот успех на ракометниот клуб Вардар упатија и претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери, како и други претставници на јавни институции и организации.