Hakan Çopur
28 Февруари 2018•Ажурирај: 01 Март 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот аналитичар и колумнист, Рој Гутман, изјави дека групата ЈПГ е сириски огранок на терористичката организација ПКК, и дека поранешната и сегашната американска администрација занемариле бројни докази и се истрајни во непризнавањето на тие факти, пренесува Anadolu Agency (AA).
Порталот „Daily Beast“ (Дејли Бист“) ја објави колумната на Гутман под наслов „Валканата тајна на САД во Сирија: Де факто сојузот со Асад“.
Истакнувајќи дека преку соработката со терористичката организација ПЈД/ПКК, Соединетите Американски Држави (САД) индиректно соработуваат со режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, Гутман наведува дека ПЈД и нејзиното вооружено крило ЈПГ јасно е дека се дел од структурите на ПКК, без оглед на тоа што САД се обидуваат да ги претстават како посебни елементи.
Тој понатаму во текстот наведува дека САД се надеваат на помош од Асадовиот режим откако неговите партнери во борбата против ДЕАШ, ПЈД/ПКК, со турската операција во Африн се доведени во безизлезна ситуација.
„Турската операција во Африн ја откри вистината што Пентагон долго време ја криеше. Таканаречената група СДГ, на која се потпираа САД во борбата против ДЕАШ, несомнено соработува со режимот на Асад“, се наведува во текстот на Гутман.
Гутман укажува на тоа дека ПЈД/ПКК, која се претставува под називот СДГ (Сириски демократски сили), секојдневно губи територии во Африн и дека е принудена да бара помош од Асад. Гутман наведува и дека СДГ во Африн испраќа борци од другите региони на Сирија, но дека тоа не им носи успех пред нападите на турските сили и Слободната сириска војска.
„Администрацијата и на Обама и на Трамп, и покрај бројните контрадикторни докази, инсистираше во тврдењата дека курдското раководство на СДГ делува одделно од ПКК. Во тоа настојување, САД се принудени да ги замолчуваат гласовите на вистината кои велат поинаку ... Курдските елементи кои го контролираат регионот во северниот дел на Сирија, вклучувајќи го и Африн, всушност е локалниот огранок на ПКК. ЈПГ по налог на американската војска го промени своето име во СДГ и неговите водачи директно им одговараат на водачите на ПКК во планината Кандил“, се наведува понатаму во текстот на Гутман.
Истакнувајќи дека ПЈД/ПКК долго соработува со Асадовиот режим, Гутман потсети дека силите на Асад во 2012 година на тие курдски елементи, без борба, по принципот клуч на рака, им предадоа бројни подрачја во северна Сирија.
„Од подрачјето коешто го контролира ПЈД во северниот дел на Сирија, половина милион луѓе пребегаа во Ирак, а стотици илјади во Турција и Европа. Дури и висок претставник на Стејт департментот во мандатот на поранешниот претседател Обама, регионот под контрола на ПЈД го нарече мини тоталитарна држава“, наведува Гутман.
Тој додава дека терористите на ПЈД/ПКК од Сирија претставуваат закана за Турција и дека тоа го потврдуваат и големиот број ракетни напади врз турските погранични градови, додавајќи дека операцијата на турските сили во Африн од тој аспект е целосно оправдана.
Тој, на крајот од текстот наведува дека САД мора да го ревидираат своето сојузништво во тоа подрачје.