Övünç Kutlu
30 Јануари 2019•Ажурирај: 31 Јануари 2019
АНКАРА (АА) - ОВУНЧ КУТЛУ -
Со воведувањето нафтени санкции против Венецуела, американската администрација се обидува да ја влоши политичката стабилност во оваа латиноамериканска земја и тамошната власт да ја сврти во своја корист, пишува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Националното собрание на Венецуела, Хуан Гваидо, изјави дека не го признава претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, за претседател на државата и минатата недела на митингот на опозицијата се прогласи за „привремен претседател“ на државата. По овој настан, американската администрација го прифати самопрогласувањето на Гваидо, а во понеделникот соопшти дека се воведени санкции кон венецуелската државна нафтена компанија PDVSA (Petroleos de Venezuela) и сите компании што се поврзани со неа, притоа ставајќи го сиот имот што го поседуваат овие компании на листата на санкции.
Белата куќа планира да го сврти раководството на оваа земја на своја страна. За таа цел, како додаток на политичкиот притисок врз Венецуела, која ги има најголемите нафтени резерви во светот, САД прекинаа да ѝ ги испорачуваат приходите од нафтата на власта на Венецуела, која се соочува со економски потешкотии, истакнувајќи дека тие средства ќе му бидат префрлени на самопрогласениот Гваидо.
Вашингтон соопшти дека 7 милијарди долари финансиски средства на Венецуела се замрзнати во САД и дека тие средства ќе прејдат под контрола на опозицискиот лидер Гваидо. Во продолжение се истакнува дека САД повеќе нема да му ги исплаќаат средствата од нафтата на раководството на Мадуро и по тоа прашање нивен соговорник ќе биде Гваидо.
Белата куќа соопшти дека наредната година приходите на Венецуела од нафта ќе се намалат за 11 милјарди долари, истакнувајќи дека се разгледуваат сите опции за промена на управувањето во оваа латиноамериканска земја.
Гваидо во исто време со воведувањето на американските санкции кон Венецуела, во Парламентот издаде наредба за назначување нови членови во Одборот на директори во компанијата PDVSA и нејзината подружница „Ситго Петролеум“ (Citgo Petroleum) во САД. Од друга страна, претседателот Мадуро рече дека САД, со воведените санкции, се обидуваат да го украдат „Ситго“ од венецуелската државна нафтена компанија PDVSA.
- „40 % од вкупните приходи од нафтата доаѓаат од САД“ -
Едвард Глосоп, економски експерт на независната истражувачка организација „Капитал економикс“ (Capital Economics) од Лондон, за АА изјави дека следните месеци, поради санкциите врз Венцуела, се очекува во оваа земја да дојде до намалување на приходите од извозот на нафта.
Глосоп изјави: „40 % од вкупните приходи на Венецуела од извозот на нафтата доаѓаат од извозот што се прави во САД. Намалувањето на приходите од извозот на нафта, ќе ја продлабочи економската криза во земјата“.
Според Глосоп, се предвидува дека воведените санкции ќе предизвикаат намалување на приходите на Венецуела од извозот на нафта за 1 милијарда долари месечно, додавајќи дека е многу тешко да се надополни таа сума, иако започне да им ја продава нафтата на други земји.
Тој истакна дека земјите како Индија и Турција продолжуваат да го поддржуваат Мадуро, посочувајќи дека овие земји ќе продолжат да купуваат нафта од Венецуела, додавајќи дека е можно Кина и Русија, кои исто така го поддржуваат Мадуро, на Венецуела да ѝ дадат кредит.
Тој предупреди дека е можно САД да ги зголемат санкциите насочени кон Венецуела и нагласи: „Во наредните месеци можно е раководството од Вашингтон да го запре увозот на нафта во странски земји“.
- Содржина на санкциите -
Во соопштението што го објави Министерството за трезор на САД, во рамките на санкциите Венецуела ќе може да продолжи да извезува нафта во САД, но под услов приходите од извозот во САД да бидат депонирани на замрзнати банкарски сметки во САД.
Поради претходните санкции што ги воведоа САД, од август 2017 година наваму, во Венецуела не се прави трансфер на средства од „Ситго Петролеум“. Наместо тоа, оваа компанија на Венецуела и на други земји им продава рафинирана нафта и нафтени производи.
Најголем увозник на нафта од Венецуела во САД е компанијата „Ситго“ во која се вработени 3.500 лица. Компанијата поседува повеќе од 5.000 бензиски станици и 9 нафтоводи. Во исто време, компанијата има 3 рафинерии, во кои во просек, дневно, се рафинираат 760.000 барели сурова нафта.