Umar Farooq
05 Ноември 2018•Ажурирај: 06 Ноември 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Синовите на убиениот новинар Џамал Кашоги побараа да им се предаде телото на татко им, за да го погребаат достоинствено, пренесува Anadolu Agency (AA).
Салах и Абдулах Кашоги во првото интервју по убиството на нивниот татко за „Си-ен-ен“ (CNN) рекоа дека изминатите недели за нив биле многу болни и дека сè уште чекаат информации за убиството.
Саудискиот новинар и колумнист на весникот „Вашингтон пост“ (Washington Post) исчезна на 2 октомври откако влезе во зградата на саудискиот Конзулат во Истанбул.
Од Кабинетот на државниот обвинител во Истанбул е соопштено дека со истрагата е утврдено дека Кашоги е убиен со предумисла, така што е задавен веднаш по влегувањето во Конзулатот.
„Не можеме да органзираме достоинствен погреб и збогување додека не го вратат телото на нашиот татко. Сè што моментално сакаме е да го погребаме на гробиштата „Ал Баки“ во Медина со остатокот од семејството“, изјави Салах.
Двајцата сметаат дека нивниот татко бил погрешно интерпретиран и погрешно претставен поради политички причини.
„Многумина го етикетираа бидејќи тоа е полесно отколку да се работи својата работа. Џамал никогаш не беше дисидент. Веруваше дека монархијата ја држи неговата земја обединета. Веруваше и во реформите низ кои земјата поминува“, порачаа синовите на Кашоги.
На прашањето дали како најстар син на Кашоги има повеќе информации за убиството, Салах изјави дека од саудиските институции го добил она што и остатокот од јавноста го знае.
„Знаеме што знаете и вие. Сè е мистерија. Ова за нас е голем товар бидејќи сите мислат дека ние ги знаеме одговорите на прашањето, а не ги знаеме“, изјави Салах.
Помладиот син Абдула изјави дека е последен од семејството кој го посетил таткото во Турција во септември, и кој го видел жив.
„Беше среќен. Тоа беше одлична можност да го видам. Се дружевме во Истанбул, се забавувавме“, изјави Абдула.
Тој изјави дека е особено тешко да се носи со тагата и товарот кога убиството на таткото ќе стане настан од толку големи размери, а кога истовремено многу малку се знае за тоа.
„Сето тоа е збунувачко. Се трудиме да ги контролираме емоциите и да трагаме по информации. Се обидуваме од мали работи да направиме цела слика за тоа. Тешко е, бидејќи тоа не беше ниту нормална смрт, ниту ова е нормален расплет“, изјави Абдула.
Постариот син Салах додаде дека очекува со истрагата да биде расветлен целиот случај, и дека му верува на саудискиот крал Селман бин Абдулазиз.
„Кралот Селман изјави дека пред лицето на правдата ќе бидат изведени сите вклучени во убиството. Верувам дека тоа ќе се случи. Во спротивно, Саудиска Арабија не би ни започнувала интерна истрага“, заклучи Салах.