Eşref Musa
01 Април 2018•Ажурирај: 01 Април 2018
ИДЛИБ (АА) - Дванаесетиот евакуациски конвој од Источна Гута, која е под опсада на режимот на сирискиот претседател Башар aл-Асад и неговите приврзаници, пристигна во Идлиб и на периферијата на Алепо, јавува Anadolu Agency (AA)
Репортерите на АА од Источна Гута објавија дека продолжува евакуацијата на жителите од Ирбин, Замалке и Ајн Терма кои припаѓаат на Источна Гута.
Според тоа, овој 12. конвој составен од 73 автобуси, во кои има 2.875 луѓе, пристигна најпрво во Хама, а потоа во утринските часови во Идлиб, на периферијата Алепо. Меѓу евакуираните има 1.072 деца и 644 жени. Поради недоволните сместувачки капацитети и привремените засолништа, цивилите се сместени во училишта и џамии.
Во конвојот, кој вчера ја напушти Источна Гута, има повредени, како и лица во животна опасност.
Според проценките, Источна Гута досега ја имаат напуштено повеќе од 45.000 луѓе.
Евакуацијата продолжува, а подрачјето на Дума, која е дел од Источна Гута сè уште е под опсада.
Припадниците на режимот на Асад, со воздушна поддршка на Русија, на 19 февруари започнаа акција за преземање на контролата врз Источна Гута.
Оттогаш се вршат интензивни напади врз наведеното подрачје во кое, според претпоставките, жиеват околу 400.000 луѓе.
Во нападите убиени се многу цивили, а неколку илјади останаа без покрив над главата и беа принудени да одат во засолништа и подруми.