Besar Ademi
09 Мај 2016•Ажурирај: 09 Мај 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во Инфо центарот на Европската Унија во Скопје, со акцијата "Младите и мобилностa" беше одбележан Денот на Европа и 20-годишнината од Европскиот Волонтерски Сервис, јавува Anadolu Agency (AA).
Настанот се одржа во организација на Мрежата на новоформираниот Европски културен институт - EUNC Скопје, Британскиот совет, италијанскиот Институт „Данте Алигиери”, Францускиот институт во Скопје, Националната агенција за европски образовни програми и мобилност во Македонија, а со поддршка од неколку амбасади на странски држави.
Директорката на Францускиот институт во Скопје, Изабел Марки Барбу, истакна дека Европа ги држи своите врати отворени за сите сегашни студенти како и за новите студенти кои сакаат да студираат во европските земји. Таа додаде дека преку оваа активност, младите од Македонија на практичен начин ќе бидат информирани за полесно да ги постигнат своите цели за студирање или да се вклучат како практиканти во европските институции.

„Европските културни институции присутни во Македонија, вклучувајќи ги и странските амбасади во земјата, одлучија дека културата не познава граници. Европа им припаѓа на сите и нуди можности за иднината на младите луѓе. Затоа, сите млади во земјата треба да бидат информирани за можностите кои им се нудат за патување во европските земји”, истакна Барбу.

Младите луѓе во Македонија се запознаа со тоа како да се подготват за подобро запознавање со европските стандарди, како да пополнуваат CV и мотивационо писмо на повеќе јазици, како да се одреди нивото на јазикот и како да дојдат до повеќе корисни информации за оваа тема.