Ivana Ramadanova
03 Октомври 2016•Ажурирај: 04 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - Денеска во Скопје, во организација на Факултетот за безбедност се одржа научно-стручна дебата на тема „Функционирањето на безбедносниот систем на Република Македонија во кризна и сложена безбедносна состојба-менаџирање и справување со кризи“, јавува Anadolu Agency (AA).
Целта на дебатата беше да се утврдат евентуалните критични области во безбедносниот систем на Македонија во кои се потребни елементи за позитивна промена, меѓу другото и во делот на управување со кризи, заштита и спасување.
На отворањето на дебата, свое обраќање имаше министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој истакна дека денес не постои дел од општеството што не е предмет на закана, и дека токму таа премиса треба да биде основен постулат во градењето и надградбата на безбедносниот систем.
„Македонија со својата местоположба, како и со јасно декларираните национални приоритети, ниту била ниту ќе биде заобиколена од разните форми и видови на безбедносни ризици. Според моето длабоко убедување, ние мораме да се фокусираме кон натамошната изградба на флексибилен, ефикасен, технички модернизиран концепт на безбедност на институционално ниво, способен првенствено за владино евидентирање, анализа и проценување на заканите, како и на мултиинституционален систем за соодветен одговор кон истите“, истакна министерот Спасовски.
Според доцент Марјан Ѓуровски, преку овој процес на дебата треба да произлезат предлози и решенија за подобро справување со безбедносните проблеми и предизвици, што ќе придонесе македонските граѓани да ја вратат довербата кон институциите на системот.
„Денес повеќе од потребно е рестартирањето на целокупниот безбедносен систем на Македонија. Ако не денес, тоа требаше уште вчера да го направиме, бидејќи дел од системот веќе се наоѓа на апарати за вештачко дишење“, истакна Ѓуровски.
На научниот собир се актуелизира расправата за генералното функционирање на системот за рано предупредување и справување со ризиците од кризи и катастрофи, како составен дел на безбедносниот систем на Македонија.