Kristina Maslareviç
24 Март 2016•Ажурирај: 25 Март 2016
БЕЛГРАД (АА) - По повод одбележувањето на 17 години од почетокот на бомбардирањето на НАТО на тогашна СР Југославија, министерот за внатрешни работи на Србија, Небојша Стефановиќ, со интонирање на химната на Србија, положи венец на спомен плочата подигната во чест на загинатите припадници на министерството за внатрешни работи на Србија во текот на бомбардирањето во 1999 година, јавува Anadolu Agency (АА).

„Седумдесет и седум дена паѓаа бомби над Србија и во тие 77 денови припадниците на полицијата немаа право на плашливост, имаа право само да бидат храбри и така и се однесуваа”, рече Стефановиќ.
Тој додаде дека 167 припадници на министерството за внатрешни работи ги дале своите животи и покажале како се сака Србија и дека за неа биле подготвени да ја дадат најголемата жртва, односно својот живот.
„Тоа е нешто што Србија никогаш не смее да го заборави, не смее да ги заборави никогаш ниту нивните семејства и не треба да се сеќава на нивното жртва само во деновите кога се одбележува загинувањето на нашите најголеми херои, туку на овој ден, заедно, мора да гледаме кон иднината. Ова е ден кога со таква жртва, со заеднички труд, успеавме да стигнеме до тоа да бидеме почитувана земја во светот”, наведе министерот.

По повод одбележувањето на седумнаесетата годишнина од почетокот на НАТО бомбардирањето, денес ќе се положат венци на уште неколку споменици на загинатите од тој период, меѓу другите и на Споменикот на загинатите деца во паркот Ташмајдан, а главната државна церемонија ќе ја предводи премиерот на Србија, Александар Вучиќ кај Споменикот на загинатите цивили на Варваринскиот Мост во Варварин.
НАТО бомбардирањето на Сојузна Република Југославија беше завршната фаза на војната во Косово а траеше од 24-ти март до 10-ти јуни 1999 година. Интервенцијата беше извршена како одговор на нападите на силите за безбедност на тогашна СР Југославија врз Албанците на Косово, под обвинение дека тие сили вршат етничко чистење на косовските Албанци.
Вкупниот број на жртви од НАТО бомбардирањата официјално не е соопштен, а според проценките во Србија тој се движи меѓу 1.200 и 2.500 загинати и околу 5.000 ранети лица.