ЖЕНЕВА (АА) - Специјалниот пратеник на Обединетите нации (ОН) за Сирија, Стефан де Мистура, истакна дека целта на мировните преговори во Женева е да се утврди прецизната мапа на патот за решавање на сириската криза, и предупреди дека единствена алтернатива за преговорите и планот Б во случај на неуспех на преговорите би било враќање на војната, јавува Anadolu Agency (AA).
Мировните преговори на база на одвоените состаноци на делегациите на ОН со делегациите на сириската влада и опозицијата, ќе продолжат денес во Женева, а по тој повод посредникот во преговорите, Де Мистура, одржа прес-конференција за новинарите.
Де Мистура своето обраќање кон новинарите го започна со осуда на синоќешниот терористички напад во Анкара, во кој беа убиени 37 лица, додавајќи дека утринава разговарал и упатил порака со сочуство до турскиот амбасадор во Женева.
Истакнувајќи дека претходниот договор за прекин на огнот во голема мера е имплементиран а во сириските градови под опсада не се доставени доволни количини хуманитарна помош, Де Мистура додаде дека за текот на преговорите ќе го известува и Советот за безбадност на ОН.
Укажувајќи на несогласувањата и различните ставови и барања на сириската влада и опозиција, Де Мистура рече дека продолжението на преговорите ќе биде водено врз база на претходните Резолуции на Советот за безбадност на ОН за Сирија и Женевската декларација.
„Истовремено, оваа недела ќе се одржат и состаноци на работните групи на ОН за надзор на прекинот на огнот и хуманитарните активности и тоа ќе придонесе во преговорите. Единствена алтернатива на овие преговори и планот Б е враќање на војната, но многу посурова и пострашна од ова што досега го имаме видено”, рече Де Мистура.
Потсетувајќи дека вчера се сретнал со советодавното тело составено од жени и имал краток неформален состанок со сириските опозиционери, Де Мистура кажа дека денешните преговори ќе започнат со состанокот на делегацијата на сириската влада.
Мистура нагласи дека во оваа фаза на преговорите ќе биде дадена шанса на сите сириски страни да учествуваат во преговорите, тој додаде дека сирискиот народ е тој кој на крајот треба да даде конечен суд за тоа како Сирија ќе биде водена во иднина.
„Планираме да одржиме три круга на средби. Правта рунда започнува денес. Пауза ќе направиме до 24-ти март. По седум до десет дена пауза ќе го започнеме вториот круг состаноци кој би требало да трае две недели. Потоа ќе пристапиме кон третиот круг по кој се надаваме дека ќе имаме прецизно утврдена мапа на патот за решавање на сириската криза”, рече Де Мистура.
news_share_descriptionsubscription_contact
