СКОПЈЕ (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој е во официјална посета на Република Македонија, рече дека НАТО е подготвено да ја прими Македонија како 30. членка на Алијансата, но додаде дека за тоа ќе мора да одлучи народот на референдумот на 30 септември, јавува Anadolu Agency (АА).
Во придружба на министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, шефот на НАТО присуствуваше на демонстративната вежба на припадниците на специјалните сили на Армијата на Република Македонија (АРМ) во касарната „Илинден“ во Скопје.
По вежбата, на заедничката прес-конференција со македонската министерка, Столтенберг изјави дека оваа вежба покажува дека македонската Армија има добро обучени членови и дека тие се подготвени да учествуваат во тешки операции и напори за стабилизација во многу земји во светот.
„На народот му останува да донесе одлука, но она што можам да го кажам е дека НАТО е подготвено да ве прими како 30. земја членка на Алијансата. Како што знаете, сите 29 земји членки одлучија на Самитот во јули за полноправно членство и започнување на преговорите за пристап. Ние сме посветени, но вие ќе треба да го имплементирате Договорот за името за полноправно членство и завршување на преговорите за членство“, рече Столтенберг, осврнувајќи се на референдумот за прашањето за името што ќе се одржи на 30 септември.

Столтенберг истакна дека многу припадници на македонската Армија учествувале во операциите на НАТО во Авганистан и Ирак, со што, според него, Македонија покажала подготвеност да придонесе за меѓународната безбедност.
Во меѓувреме, министерката Шекеринска рече дека демонстративната вежба сведочи за знаење, професионалност и квалитети што ги поседува Македонија и Армијата на оваа земја. Таа истакна дека во изминатите години, над 4.000 припадници на АРМ учествуваа во разни мисии предводени од НАТО.
„За нас, ова е партнерство на коешто можеме да се потпреме. Кога ни треба помош, НАТО беше тука да ни ја понуди, но и ние сме партнер на кој НАТО може да се потпре. Секој припадник на АРМ кој во изминатиов период учествуваше во разни мисии предводени од НАТО, беше аргумент плус во полза на нашето членство во НАТО“, изјави министерката Шекеринска.

Генералниот секретар на НАТО, кој престојува во посета на Македонија, се сретна со претседателот Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието, Талат Џафери, и со премиерот Зоран Заев, како и со други високи функционери.
Покрај другите активности и состаноци, тој го посети и Стајковци, каде што во 2016 година војниците и опремата на НАТО беа посветени на надминување на ефектите од поплавите, во кои 24 лица ги загубија животите.
Потсетуваме дека на 30 јули, Собранието на Република Македонија донесе одлука на 30 септември оваа година да се одржи референдум за името, кој ќе биде консултативен.
Референдумот е дел од Договорот меѓу Македонија и Грција, кој предвидува промена на името на земјата во Република Северна Македонија, што е главен услов за членство на земјата во НАТО и за отворање на преговорите со ЕУ.
Во пресрет на референдумот на 30 септември, денеска на средби во Скопје престојува шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, и министерот за надворешни работи на Високото Војводство Луксембург, Жан Аселборн.
Во текот на утрешниот ден пристигнува австрискиот канцелар Себастијан Курц, а в сабота, на Денот на независноста, германската канцеларка Ангела Меркел.
news_share_descriptionsubscription_contact
