Admir Fazlagic
28 Јануари 2019•Ажурирај: 29 Јануари 2019
СКОПЈЕ (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денес испрати возвратно писмо до министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што се наведува во соопштението на Министерството за надворешни работи на Република Македонија, со писмото на Столтенберг се потврдува приемот на упатеното писмо од страна на министерот Димитров, од 21 јануари 2019 година, во кое од страна на Македонија е изразена подготвеноста и способноста на земјата да ги прифати и почитува обврските и заложбите за членство на Република Македонија во НАТО, содржани во Вашингтонскиот договор и Студијата за проширување на НАТО од 1995 година, формално изразувајќи интерес за добивање покана за пристапување кон НАТО.
„Во писмото од генералниот секретар на НАТО се истакнува дека во подготовка е Пристапниот протокол кој е предвидено наскоро да биде потпишан од страна на постојаните претставници на земјите членки на НАТО, за што ќе следува и покана до министерот за надворешни работи, Никола Димитров, за присуство на церемонијата на потпишувањето на Протоколот“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на Македонија.
Се додава дека со потпишувањето на Пристапниот протокол, започнува следната фаза од пристапниот процес, по што следува ратификација на Протоколот во националните парламенти на земјите членки на Алијансата.
Потсетуваме, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во петокот ја поздрави ратификацијата на Преспанскиот договор во грчкиот Парламент, постигнат меѓу владите на Македонија и Грција за решавање на спорот за името помеѓу овие две земји. Столтенберг на неговиот официјален профил на социјалната мрежа Твитер напиша дека Преспанскиот договор е важен придонес за стабилноста и просперитетот на целиот регион. „Со нетрпение очекувам идната Република Северна Македонија да се приклучи на НАТО“, напиша Столтенберг.
Претходно, Преспанскиот договор беше ратификуван и во Собранието на Република Македонија.
Договорот за решавање на спорот за името со Грција (Преспански договор), во јуни минатата година, во Преспа, го потпишаа владите на Македонија и Грција. Според Договорот, Македонија ќе го смени своето име во Република Северна Македонија.