Nilay Kar
22 Октомври 2017•Ажурирај: 23 Октомври 2017
АНКАРА (АА) - Министерот за правда на Република Турција, Абдулхамит Ѓул, денес изјави дека сите процедури се задоволени и дека Турција очекува од Соединетите Американски Држави (САД) да го испорачаат Фетула Ѓулен, водачот на терористичката организација ФЕТО, јавува Anadolu Agency (AA).
„Веќе не постои ништо што би го пролонгирало испорачувањето, никаков недоставен документ, ниту пак незадоволена процедура. Задоволени се предусловите и сега од САД очекуваме екстрадиција“, рече Ѓул во обраќањето пред новинарите во Анкара.
Истакнувајќи дека со истрагата се утврдени непобитни докази дека токму Ѓулен дал наредба за минатогодишниот неуспешен обид за државен удар во Турција, Ѓул рече дека официјален Вашингтон досега никогаш не рекол дека нема да го испорача.
На прашањето на новинарите дали на Ѓулен ќе му биде одземено турското државјанство, министерот Ѓул рече дека тоа е можно доколку тоа го побара Министерството за внатрешни работи, а Владата одобри таква одлука.
Ѓул се осврна и на наводите на одредени медиуми дека еден од водачите на терористичката мрежа ФЕТО, Адил Оксуз, се наоѓа во Германија, и додаде дека официјална Анкара во врска со тој случај ќе испрати и официјален допис до официјален Берлин.
Терористичката организација ФЕТО во текот на 70-тите години од минатиот век своите поданици почнала да ги инфилтрира во безбедносните институции на Турција, за во 80-тите години значително ја зајакне својата паралелна пирамида во овие институции и, на крај, на 15 јули минатата година да изведе неуспешен обид за воен удар со цел рушење на уставниот поредок и соборување на демократски избраната власт во Турција.
Според последните податоци, во повеќе од 113 земји во светот делуваат над сто училишта и образовни установи поврзани со терористичката организација ФЕТО.