Diyar Güldoğan
20 Декември 2017•Ажурирај: 21 Декември 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, денес изјави дека Турција, Азербејџан и Иран дискутирале за начините за зајакнување на меѓусебните односи, јавува Anadolu Agency (AA).
„На денешниот трилатерален состанок, ги разгледувавме начините за зајакнување на нашите односи и кои чекори можеме да ги преземеме, особено во областите на енергетиката и транспортот“, изјави Чавушоглу на прес-конференцијата во азербејџанскиот главен град Баку.
Неговите забелешки дојдоа по одржувањето на петиот трилатерален состанок со азербејџанскиот колега Елмар Мамадјаров и иранскиот министер за надворешни работи, Џавад Зариф.
Чавушоглу истакна дека следниот трилатерален состанок ќе биде одржан во Турција, на којшто ќе присуствуваат и бизнисмените на трите земји.
Тој додаде дека Анкара, Баку и Техерен треба да ги зајакнат односите не само во областа на енергетиката, економијата и транспортот туку и на полето на културата и туризмот.
„Азербејџан и Иран се две важни земји во однос на енергетските извори. Како Турција, увезуваме природен гас и нафта од Азербејџан и Иран. Сакаме да го зголемиме количеството на природен гас и нафта кои ги добиваме од братските земји“, додаде Чавушоглу.
Тој верува дека трите земји ќе ја зголемат соработката во областа на енергетиката, додавајќи: „Ова е една од целите на трилатералниот механизам“.
- Азербејџанско-ерменскиoт спор -
Чавушоглу ја повика Ерменија да се повлече од азербејџанските територии. „ Ерменија зазема 20 отсто од азербејџанските територии“, рече Чавушоглу.
„Ерменија мора да се повлече од азербејџанските територии што е можно побрзо, и да научи да го почитува азербејџанскиот територијален интегритет“, додаде тој.
Азербејџан и Ерменија се во спор околу окупираниот регион Нагорно-Карабах.
Турција повтори дека прашањето мора да се реши во рамките на меѓународното право, суверенитетот и територијалниот интегритет на Азербејџан.
- Мировен процес во Астана -
Чавушоглу ги поздрави мировните преговори во Астана за Сирија и додаде дека процесот исполнува важна должност за ставање крај на судирите во земјата.
„Ние, се разбира сакаме да го одржиме овој продуктивен процес. Исто така, го поддржуваме процесот и во Женева“, додаде тој.
Турција, Русија и Иран се земји-гаранти кои посредуваа во прекинот на огнот во Сирија во декември 2016 година, што доведе до мировните преговори во Астана кои се во тек, паралелно со преговорите во Женева.
„По завршувањето на судирите, мора да се фокусираме на политичкото решение за Сирија. Постојаното решение е само политичкото решение“, рече Чавушоглу.
Тој истакна дека сите групи во Сирија, освен терористичките организации ДЕАШ и ПКК/ПЈД, треба да се соберат за да се пронајде политичко решение.
Тој изјави дека уставот на Сирија треба да се подготви и да биде прифатен од сирискиот народ.
Чавушоглу додаде дека целта на Турција, заедно со Русија и Иран, е да стави крај на хаосот во Сирија, да завладее мир и да се сочува територијалниот интегритет на земјата.
„Ние постигнавме значајни резултати во текот на една година и сега сакаме да ги крунисаме со политичко решение“, нагласи Чавушоглу.
Сирија е заробена во жестока војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал-Асад презеде мерки со неочекувана свирепост на про-демократските протести.
Оттогаш, според ОН, над 250,000 лица се убиени, а над 10 милиони лица се раселени.