Zülfiya Yakup
07 Април 2016•Ажурирај: 07 Април 2016
ПРИШТИНА (АА) - Новоизбраниот претседател Хашим Тачи, денеска положи заклетва пред пратениците во Собранието на Косово, со што ја презеде новата функција, јавува Anadolu Agency (AA).
Пратениците од опозицијата ја бојкотираат денешната седница, како што ја бојкотираа работата на седницата одржана на 26-ти февруари, кога Тачи беше изгласан за претседател.
На свечената седница во Собранието присуствуваше, веќе, поранешната претседателка на Косово, Атифете Јахјага, странски дипломати акредитирани во Косово како и претставници на граѓанското општество во Косово.
Тачи се заколна дека „сета своја сила ќе ја посвети на зачувување на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Косово, обезбедување на човековите и граѓанските права и слободи, почитување и заштита на Уставот и законите и одржување на мирот и благосостојбата на сите граѓани на Република Косово”.
Тачи ја потпиша заклетвата по што следуваше интонирањето на химната на Косово, а веднаш потоа започна неговиот говор.
Хашим Тачи пред изборите за нов претседател на Косово беше на функцијата прв заменик-премиер и министер за надворешни работи на Косово како и лидер на Демократската партија на Косово. Веднаш по изборот за претседател на Косово поднесе оставка од функцијата претседател на партијата.