Besar Ademi
03 Октомври 2016•Ажурирано: 04 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - Членот на Европскиот парламент и известувач за Македонија, Ричард Ховит, кому му останува еден месец пред истекот на мандатот во Европскиот парламент, по неговата последна посета во Македонија рече дека на предвремените парламентарни избори коишто се очекува да се одржат на 11 декември оваа година, народот на Македонија ќе одлучи за иднината на земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Ховит рече дека луѓето однадвор, како што е тој, не можат да му кажуваат на македонскиот народ, или на кој било друг народ како да се делува, но порача дека изборите на 11 декември се можност за трансфер на моќта, кој е можен, според него, а работите што во ова општество не се во ред, не треба да продолжат.
„Има многу работи што не се во ред во оваа земја, но одлуката на македонскиот народ му припаѓа на македонскиот народ. Јас и меѓународната заедница имаме работено на поддршката на земјата во нејзините реформи. Ние ќе продолжиме со нашата работа, но одлуката што ќе биде донесена на 11 декември е клучна одлука и мислам дека промена може да се случи во оваа земја“, рече Ховит.
Ховит нагласи дека Европската Унија ќе продолжи со својата посветеност кон Република Македонија, вклучувајќи го и периодот на изборите предвидени за 11 декември. Тој додаде дека Европската Унија е пријател на Македонија и изрази уверување дека оваа земја еден ден ќе ѝ се придружи на Европската Унија.
За време на својата неодамнешна посета во Македонија, Ховит се сретна со невладините организации во земјата и со тимот на Специјалното јавно обвинителство, за кое рече дека има целосна поддршка од Европската Унија бидејќи беше основано од страна на четирите најголеми политички партии во Македонија.
„Разочаран сум од тоа што јасните и значајните предлози на г-ѓа Јанева сѐ уште не се применуваат, и очекувам да се применуваат веднаш. Исто така, многу сум заинтересиран за предлозите на оваа институција да се создаде посебен оддел во Основниот суд Скопје 1, кој ќе се занимава со судските предмети на Специјалното јавно обвинителство, како што е посебниот оддел за гонење на организираниот криминал“, истакна Ховит.
Во врска со работата на Специјалното јавно обвинителство, Ховит нагласи дека владејачката партија и другите партии што го потпишаа Договорот од Пржино, не смеат да дозволат одредени лица да ја потценуваат работата на ова обвинителство.