Dilara Hamit
04 Септември 2026•Ажурирано: 04 Септември 2026
Американец живеел без дијализа 271 ден откако добил генетски модифициран бубрег од свиња, пред успешно да премине на човечки донорски бубрег, што претставува прв случај во трансплантациската медицина, јавува Анадолу.
Тим Ендрус од Њу Хемпшир, кој во моментот на процедурата имал 66 години, развил терминална бубрежна болест поврзана со дијабетес тип 2.
Тој го добил свинскиот бубрег во Општата болница во Масачусетс во јануари 2025 година, во рамки на програмата на американската Агенција за храна и лекови (FDA) за проширен пристап, која овозможува експериментални третмани за пациенти со сериозни состојби и ограничени алтернативи.
Органот веднаш функционирал и му овозможил на Ендрус да престане со дијализа 271 ден, според студијата објавена вчера во медицинското списание „Лансет“.
Истражувачите го опишаа случајот како најдолг документиран период на преживување без дијализа по трансплантација на свински бубрег кај жив човек и прв успешен премин од свински орган кон трансплантација на човечки бубрег.
Бубрегот потекнувал од минијатурна свиња од Јукатан и претрпел 69 геномски модификации, со цел да се намали ризикот од имунолошко отфрлање и да се спречи преносот на свински вируси.
За време на трансплантацијата, Ендрус бил следен во однос на функцијата на бубрегот, отфрлањето, развојот на антитела и можните инфекции што би се пренеле од свиња на човек.
Раната епизода на отфрлање посредувано од Т-клетки била успешно третирана, а не биле откриени свински вируси или други свински патогени, велат истражувачите.
По околу шест месеци, лекарите ја намалиле терапијата за потиснување на имунитетот додека лекувале инфекција. Потоа, свинскиот бубрег развил воспаление и оштетување на малите крвни садови, што на крајот довело до откажување на органот.
Бубрегот бил отстранет по 271 ден, а Ендрус привремено се вратил на дијализа. Во јануари 2026 година, тој добил бубрег од починат човечки донор.
Човечкиот бубрег веднаш почнал да функционира, а последователните прегледи не покажале докази дека претходната трансплантација од свиња го сензибилизирала неговиот имунолошки систем на начин што би можел да го загрози човечкиот орган.
- „Чудо“ -
Во документарец на „Си-ен-ен“, Ендрус ја опиша трансплантацијата на свинскиот бубрег како „чудо“.
„Бев жив, а долго време не бев“, рече тој.
Ендрус рече дека трансплантацијата му ја вратила доволно силата и независноста за да може да готви, да го чисти својот дом и да оди на долги прошетки со своето куче, Капкејк.
Истражувањето го спровеле специјалисти од академските медицински центри и болници на „Мас џенерал Бригам“.
Главниот автор на студијата, д-р Леонардо Риела од Центарот за трансплантациски науки на „Мас џенерал Бригам“, рече дека случајот го покажува потенцијалот на ксенотрансплантацијата, односно трансплантацијата на органи меѓу различни видови, за справување со недостигот на човечки донорски органи.
„Недостигот на органи е најголемата криза со која се соочуваме во трансплантацијата во моментов“, рече Риела.
Тој рече дека свинските бубрези првично би можеле да служат како привремено решение, овозможувајќи им на пациентите да престанат со дијализа додека чекаат човечки бубрег.
Доколку се утврдат нивната долгорочна безбедност и издржливост, тие на крајот би можеле да станат трајна опција за лекување.
Истражувачите, сепак, предупредија дека наодите се однесуваат само на еден пациент и дека се потребни дополнителни студии за подобрување на стратегиите за потиснување на имунитетот, генетското инженерство и следењето на оштетувањето на органите.