Seyit Şamil Kurt
07 Јули 2026•Ажурирано: 08 Јули 2026
Земјите членки на НАТО може да го забрзаат развојот на капацитетите за беспилотни летала преку зајакнување на партнерствата и здружување на постојните сили, изјави денес извршниот директор на турската одбранбена компанија „Бајкар“, Халук Бајрактар, јавува Анадолу.
Говорејќи на панелот насловен „Од иновација до масовност: Градење стратегиска предност на НАТО преку беспилотни летала“ за време на Форумот за одбранбена индустрија, одржан во рамките на 36. Самит на шефови на држави и влади на земји членки на НАТО во Анкара, Бајрактар истакна дека зголемената улога на беспилотните летала на бојното поле бара пократки циклуси за развој, побрзо производство и капацитети од голем обем.
„Во нашиот пристап во Турција, ние, како компанија од голем обем, не ја чекаме појавата на побарувачка за да градиме капацитети“, рече тој, додавајќи дека состојбата на терен јасно укажува на големата потреба од овие технологии.
Бајрактар посочи дека „Бајкар“ во моментов соработува со 40 земји, вклучително и некои членки на НАТО, а сака дополнително да ги прошири односите со земјите од Алијансата.
„Повеќето од нашите клиенти се надвор од НАТО, но сакаме да градиме повеќе односи со земјите од НАТО“, рече тој, нагласувајќи дека Турција развила значајни производствени капацитети во оваа област.
Истакнувајќи дека „Бајкар“ е најголем извозник на беспилотни летала, Бајрактар додаде дека во изминатите 25 години компанијата направила големи инвестиции во платформи, почнувајќи од беспилотни борбени авиони до системи од стратегиска класа.
Како пример за ваква соработка тој го посочи заедничкото вложување со италијански „Леонардо“, односно „ЛБА Системи“.
„Многу побрзо е да се соработува отколку да се обидувате сè да измислите од почеток или да се натпреварувате“, рече тој.
„Ние располагаме со сопствени платформи и системи, додека ’Леонардо‘ има исклучително силни капацитети во делот на радарите, електронските системи и опремата за мисии. Неопходно е да се создаде синергија преку спојување на најдоброто од двете страни. Суштината е да ги комбинираме овие сили наместо да се обидуваме сè да развиваме од нула.“
Бајрактар појасни дека моделот на партнерство не е првенствено насочен кон трансфер на постојната интелектуална сопственост, туку кон заеднички развој на нови технологии.
„Споделувањето на технологијата секако може да се случи, но прашањето не е споделување на интелектуалната сопственост. Во рамките на заедничките вложувања цел е да се создаде нова интелектуална сопственост врз постојната на страните и да се надградуваат тековните капацитети“, рече тој.
Според него, градењето вакви капацитети од нула во друга земја би можело да трае со децении, а соработката би им овозможила на сојузниците веднаш да почнат со развој на напредна технологија и да стекнат предност.
- Капацитети за ФПВ беспилотни летала треба да постојат во секоја земја -
Бајрактар нагласи дека екосистемот на турската одбранбена индустрија значително се зголемил во изминатите две децении.
„Пред дваесет години во одбранбената индустрија на Турција имаше само 17 компании. Денес има повеќе од 3.000“, рече тој.
„Денес, за само една недела реализираме извоз во одбраната речиси двојно поголем од оној што беше годишен извоз од 250 милиони долари во 2002. Нашиот моментален неделен извоз достигнува 250 милиони долари, а вкупниот годишен износ веќе надминува 10 милијарди долари.“
Тој додаде дека НАТО вклучува и големи и мали земји, нагласувајќи дека споделувањето на капацитетите и создавањето синергија би било поефикасно отколку секој да се обидува да воспостави ист капацитет од нула.
Бајрактар посочи дека се потребни различни модели на производство и соработка во зависност од типот на беспилотното летало.
„Беспилотните летала сè повеќе стануваат дел од нашите животи и сега се меѓу главните елементи во воените средини. Постои побарувачка, постои неопходност. Ова што го гледаме на терен јасно покажува дека овие технологии се многу потребни“, рече тој.
Посочувајќи дека современиот екосистем на беспилотни летала опфаќа различни платформи – од стратегиски летала и системи во класата на борбени авиони до помали единици – Бајрактар истакна дека секоја земја треба да развие сопствени капацитети за производство на ФПВ беспилотни летала.
„Тие се неопходни како и муницијата – на секоја држава ѝ е потребен сопствен производител на куршуми. Сепак, за беспилотните летала од класата на борбени авиони неопходно е здружување на силите преку меѓународни сојузи што, според мене, носи многу поголеми придобивки“, заклучи Бајрактар.