Emre Aytekin
26 Март 2019•Ажурирај: 27 Март 2019
БОСТОН (АА) - Откриен е вирус за кој е установено дека во светот е распространет преку сервисот за автоматско ажурирање во компјутерите произведени од страна на тајванската технолошка компанија „Асус“ („Asus“), пренесува Anadolu Agency (AA).
Руската компанија за кибербезбедност „Касперски лаб“ („Kaspersky Lab“) соопшти дека нејзината програма за заштита од малициозен софтвер што ја користеле 57.000 компјутери од брендот „Асус“, открила штетен компјутерски софтвер кој создавал таканаречена „back door“ безбедносна дупка, преку која е можно однадвор да се пристапи до компјутерскиот систем.
Експертите од „Касперски лаб“ информираа дека 50% од заразените компјутери им припаѓаат на сопственици кои живеат во Русија, Германија и Франција, додека во САД бројот на заразени компјутери е помал од 5%.
Од друга страна, американската компанија за антивирусни програми „Сумантек“ („Symantec“) информираше дека 13.000 компјутери „Асус“ кои ја користеле нејзината програма, биле заразени од малициозниот софтвер.
Експертите претпоставуваат дека со методот користен во кибернападот, наречен „синџир на снабдување“, со кој компјутерскиот вирус се распространува преку системот за автоматско ажурирање, на светско ниво се заразени околу 1 милион компјутери.
Технолошката компанија „Асус“ е 5-та во светот по производство на компјутери.