Halis Sünnetci
08 Октомври 2026•Ажурирано: 08 Октомври 2026
Оддалечен остров во близина на Антарктикот, кој беше дом на најголемата колонија на пингвини во светот, изгуби речиси две третини од својата популација на огрличести пингвини од 2011 година наваму, се наведува во новата студија објавена вчера, јавува Анадолу.
Истражувачите предводени од Британската антарктичка служба (BAS) утврдија дека бројот на огрличести пингвини на островот Заводовски, дел од Јужните Сендвички Острови, опаднал за 63 % во периодот меѓу 2011 и 2025 година.
Популацијата се намалила од проценети 1,09 милиони единки способни за размножување во 2011 година на околу 402.000 во 2025 година, што претставува загуба од повеќе од 680.000 пингвини.
За да ги проценат промените во колонијата, истражувачите користеле снимање со дронови, аерофотографија, сателитски податоци и уреди за следење поставени на пингвините.
Тие утврдиле дека опаѓањето е поврзано со климатските промени во Јужниот Океан кои влијаат на достапноста на антарктичкиот крил – главниот извор на храна за огрличестите пингвини.
„Нашите податоци од следењето покажуваат дека тие претпочитаат да бараат храна во постудените води северозападно од островот, каде што очекуваат да најдат антарктички крил – пленот што го сочинува најголемиот дел од нивната исхрана“, изјави Норман Ретклиф, еколог за пингвини во Британската антарктичка служба, кој го предводеше истражувањето.
Наодите предизвикуваат загриженост за пингвините низ пошироката област на Јужните Сендвички Острови, кои се дом на значителен дел од глобалната популација на овој вид.
Истражувачите истакнаа дека обемот и брзината на опаѓањето би можеле да поттикнат и преиспитување на статусот на зачуваност на огрличестиот пингвин кој моментално е класифициран како вид со „најмал ризик од изумирање“ од страна на Меѓународната унија за зачувување на природата.