Umur Koçak Semiz
06 Септември 2016•Ажурирај: 06 Септември 2016
АНКАРА (АА) - Американските научници открија зошто луѓето се толку големи љубители на производите што содржат нишесте (скроб), како што се макароните, лебот, оризот и компирот, јавува Anadolu Agency (AA).
Истражувачите од Државниот универзитет во Орегон открија дека луѓето поседуваат шесто сетило за вкус, за производите што во себе имаат скроб.
Доц. д-р Јујун Лим од одделот за наука и технологија на храната на Универзитетот во Орегон изјави дека во своите истражувања открил оти луѓето поседуваат чувство за вкус коешто може да ги разликува продуктите што во себе содржат јаглехидрати, како што се макарони, торта, компир и леб.
Лим вели: „Секоја култура има свој извор на јагленхидрати. За време на истражувањето на волонтерите им дадовме мешавина што ги блокира ензимите од плунката и сетилата за благо. Подоцна волонтерите добија јаглехидрати разградени на различни нивоа, во течна состојба. Учесниците во истражувањето го дефинираа дегустираниот вкус како 'скроб'. На волонтерите од Азија вкусот им наликувал на ориз, додека волонтерите од белата раса вкусот го дефинирале како леб“.
Лим рече дека сѐ уште не се пронајдени рецепторите на јазикот што го препознаваат скробот, додавајќи дека истражувањата продолжуваат.
Досега беше познато дека ензимите во човечката плунка можат да ги разделат молекулите на скроб на едноставен шеќер и се сметаше дека луѓето можат да го почувствуваат само јагленхидратниот шеќер.
На четирите основни сетила за вкус: благо, солено, луто и кисело, пред седум години им се придружи и осетот за вкусност. Името на петиот вкус „умами“, кој го препознаваат рецепторите за Л-глутамат на јазикот, е спој на јапонските зборови „umai“, кој значи вкусно и „mi“, кој значи осет.
Истражувањето е објавено во списанието „New Scientist“.