04 Февруари 2024•Ажурирај: 05 Февруари 2024
ЊУЈОРК (АА) – Компанијата Епл (Apple) на пазарот лансираше паметни очила за виртуелна реалност Вижн Про (Vision Pro), кои веќе привлекоа големо внимание кај јавноста, јавува Анадолу.
Вижн Про очилата на Епл веќе се пуштени во продажба во Соединетите Американски Држави (САД).
Очилата за виртуелна реалност сега се достапни на платформите на Епл Стор (Apple Store), а голем број купувачи побрзаа овој викенд за веднаш да ги пробаат Вижн Про очилата во продавницата на Епл во Њујорк.
Паметните очила беа најавени на 5 јуни 2023 година на Светската конференција за програмери на Епл, преднарачките за најновиот уред на Епл започнаа на 19 јануари 2024 година, а производот е официјално лансиран на пазарот на 2 февруари.
Компанијата Епл потврди дека очилата Вижн Про се пуштени во продажба на 2-ри февруари во САД по цена од 3.500 долари.
Претставувањето на новите очила на Епл низ светот допрва треба да биде закажано. Ова е првата нова главна категорија производи на Епл по паметниот часовник Епл вач (Apple Watch) од 2015 година.
„Вижн Про е најнапредниот уред направен во категоријата на потрошувачка електроника“, изјави извршниот директор на компанијата Епл, Тим Кук.
Според него, „револуционерниот и магичен кориснички интерфејс“ на Вижн Про ќе го редефинира начинот на кој луѓето се поврзуваат, креираат и истражуваат.