Şeyma Erkul Dayanç
12 Октомври 2026•Ажурирано: 12 Октомври 2026
Директор и наставник се ранети со огнено оружје денес во училиште во Обан, јужна Франција, соопшти министерот за образование Едуар Жефре, пренесува Анадолу
„За одговорен се сомничи еден ученик“, напиша Жефре на американската платформа на социјалната мрежа X.
Тој додаде дека се упатува кон училиштето „Лаканал“ заедно со министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез и Сабрина Рубаш, пратеничка која го претставува департманот Буш-ди-Рон.
Директорот (53) бил застрелан во десниот колк, додека 37-годишниот наставник бил ранет во бутот, објави француската БФМТВ.
Нивните повреди не се опасни по живот, според извор близок до случајот на кој се повикува медиумот.
Ученик (14) од училиштето е приведен под сомнение дека го извршил пукањето, објави БФМТВ.
Отворена е истрага за обид за убиство, додаде медиумот.
Ниту еден ученик не е повреден, изјави градоначалникот на Обан, Жан-Пјер Скилари.
Пукањето не е поврзано со протестите во средните училишта што се одржуваат во Франција, според локалните јавувања. Училиштето не било погодено од блокади.
„Соочен со овој нов напад, системот за национално образование, како и секогаш, ќе остане обединет и силен околу образовната заедница која е тешко погодена“, рече Жефре.
Тој за инцидентот рече дена е „неприфатлив чин“ што ја покажува „распространетоста на неконтролираното насилство“ во француското општество.
„Мораме сите да се мобилизираме против ова, преку нашите зборови и дела“, додаде тој.