Gizem Nisa Çebi Demir
19 Јуни 2026•Ажурирано: 19 Јуни 2026
Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека воените капацитети на Иран се сериозно ослабени, спротивставувајќи се на критиките од демократите во врска со начинот на кој неговата администрација управува со конфликтот, пренесува Анадолу.
„Војната го ослаби Иран! Тој повеќе нема функционално воено воздухопловство, морнарица, противвоздушна опрема, радари, практично какви било други воени капацитети“, напиша Трамп на Truth Social.
„Не се состанавме од очај, Иран го стори тоа. Тие се поразени! Ќе го испочитуваме рокот од 60 дена, но тие нема да добијат никакви финансиски средства, ниту десет центи“, напиша тој.
Трамп, исто така, ги критикуваше демократите за нивните тврдења дека Иран е во посилна позиција отколку што беше пред неколку месеци.
„А, сепак, демократите тврдат дека Иран сега е во подобра состојба во споредба пред четири месеци. Може да замислите некој да помине со такво тврдење? Неверојатно е колку некои луѓе може да бидат глупави“, напиша тој.
Трамп и иранскиот претседател Масуд Пезешкијан во среда вечер електронски потпишаа меморандум за разбирање од 14 точки, со цел да се стави крај на конфликтот што започна на 28 февруари меѓу САД, Израел и Иран.
Според меморандумот, Вашингтон и Техеран се очекува да водат преговори во траење од 60 дена, со можност за продолжување, во обид да постигнат конечен договор за иранската нуклеарна програма и меѓународните санкции.
Според условите на меморандумот, Иран веднаш ќе го отвори стратегиски важниот Ормуски Теснец, додека САД ќе ја укинат својата поморска блокада, изјави пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, кој исто така го потпиша документот како посредник.