Zülfiya Yakup
03 Март 2016•Ажурирај: 04 Март 2016
ПРИШТИНА (АА) - Активистите на опозициското Движење „Самоопределување” денес превртеа камион со стока од Србија наменета за Косово. Како што е соопштено од Движењето, акцијата е одговор на „криминалното дело на Република Србија”, која вчера врати над 103.000 книги на албански јазик, кои Косово ги намени за албанските ученици во Прешево, Медвеѓе и Бујановац, јавува Anadolu Agency (AA).
„Шеснаесет години по војната, масакрите и големите разорувања кои Србија ги спроведе во Косово, таа продолжува да го контролира и економски да го користи Косово за своите производи, а не го признава. Истовремено, Република Србија продолжува со уценувањата преку српското малцинство во Косово, барајќи да изгради држава во држава со проектот за Заедницата”, се наведува во соопштението.
Од „Самоопределување” се истакнува дека Србија не добила реципрочен одговор од Косово со кое раководи „корумпирана власт”. Додаваат дека косовската влада не само што нема воведено трговски реципроцитет на Србија, туку не може да се грижи ниту за албанските деца во Србија на кои не успеала да им обезбеди училишни книги, иако преговараше и продолжува да преговара со Србија низа години.
Од Движењето порачуваат дека активистите на „Самоопределување” ќе продолжат со вакви акции сè додека не се воведе реципроцитет помеѓу Србија и Косово.
„Нееднаквоста и потчинувањето се неприфатливи. Тие не ги дозволуваат нашите книги, ние нема да ги прифатиме нивните производи”, се наведува во соопштението.