İhvan Radoykov
16 Ноември 2016•Ажурирај: 17 Ноември 2016
СОФИЈА (АА) - Пратениците на бугарскиот Парламент со 220 гласа ја прифатија денес оставката на Владата на чело со премиерот Бојко Борисов. На седницата на Собранието присуствуваа 240 пратеници, а двајца од нив беа воздржани при гласањето, јавува Anadolu Agency (AA).
Бугарскиот премиер Бојко Борисов на Парламентот ја предаде оставката на Владата на 14 ноември, откако во вториот круг од претседателските избори победи кандидатот на опозицијата, Румен Радев.
Во барањето за оставка на Владата, која Борисов ја поднесе до Собранието на Бугарија се вели дека сегашниот состав на Владата ќе продолжи да ја извршува должноста до именувањето на новата Влада.
Борисов за време на изборниот процес најави дека ќе поднесе неотповиклива оставка на Владата доколку кандидатката на владејачката партија на десниот центар ГЕРБ, Цецка Цачева, биде поразена, што и се случи, кога Централната изборна комисија ги соопшти резултатите од изборите, според кои нов претседател на Бугарија е кандидатот на опозициската Социјалистичка партија, Румен Радев.
Мандатот на актуелниот бугарскиот претседател Росен Плевнелиев истекува на 22 јануари наредната година, кога ќе го замени новоизбраниот шеф на државата Радев. Уставот на Бугарија не ја предвидува можноста претседателот на државата во последните три месеци од мандатот да го распушта Парламентот и да распише предвремени парламентарни избори.
Плевнелиев претходно изјави дека ќе се обиде да иницира дебата во Собранието со цел формирање нова влада, но лидерите на бугарските партии генерално се залагаат за одржување на предвремени избори.
Одлука за распишување на предвремени избори, најверојатно, ќе се остави за следната година и доаѓањето на Радев на функцијата претседател на Бугарија. Повеќето аналитичари предвидуваат дека на предвремените парламентарни избори во земјата можно е да се одржат во март или април следната година.