İhvan Radoykov
27 Јануари 2017•Ажурирај: 28 Јануари 2017
СОФИЈА (АА) – Официјално започна со работа новата привремена технократска влада, која ја формираше бугарскиот претседател Румен Радев, јавува Anadolu Agency (AA).
На церемонијата што се одржа во претседателството, претседателот Румен Радев ги претстави премиерот проф. Огњан Герџиков и членовите на кабинетот.
Радев ги претстави очекувањата од Герџиков, премиер на привремената технократска влада, која е формирана со цел за подготовка на државата за предвремените парламентарни избори што ќе се одржат на 26. март. Тој додаде дека го задолжил Герџиков за обезбедување на стабилноста во државата и за подготвување на предвремените парламентарни избори.
Радев истакна оти премиерот Герџиков несомнено има авторитет на политичар и академик и порача: „Владата на Герџиков нека ги разгледа детално сите активности на претходниот премиер Борисов“.
- Борисов не е загрижен
Новиот кабинет којшто се состои од 19 членови, од кои четворица се помошници на премиерот, ја презема функцијата од владата на Бојко Борисов.
Борисов во својот проштален говор рече дека на новата влада ѝ ја предаваат државата во добра состојба и додаде оти не се загрижени од претстојната истрага.
Премиерот Огњан Герџиков му честита на Борисов како политичар кој најдолго ја вршел функцијата премиер во демократската историја на државата и изјави: „Ќе работиме за да се одржат предвремените парламентарни избори и за тоа, секој граѓанин на демократска Бугарија да живее достоинствено“.
Тој посочи дека детално ќе ги испитаат сите активности на претходната влада, во сите министерства и сите државни работи, и додаде дека ќе биде расветлен секој вид на евентуална корупција што ќе биде утврдена.
- „Нема да има лов на вештерки"
Во изјава за Бугарското национално радио (БНР), Герџиков вели дека постојат информации за нерегуларни национални трошоци за време на мандатот на Борисов, особено во последните неколку недели и нагласи: „Ќе ја испитаме состојбата со државните работи, но ова нема да биде ’лов на вештерки’ “.
Герџиков посочи дека Бугарија треба да биде управувана во мир: „Не се знае што ќе биде утре. Може да има проблеми на патиштата или во електричниот систем во една ваква зимска сезона. Поради тоа што државната агенда не може да се одложува, првиот состанок на советот на министри ќе го одржиме на 30. jануари, в понеделник. По предвремените избори на 26. март, посакувам да се формира редовна влада. Не е добро за Бугарија оваа привремена влада да биде на долг рок. По добивањето на понудата да бидам премиер, размислив за донесување на одлуката. Мојата сопруга строго се спротивстави. Да се биде во највисокиот протокол, како и сите овие безбедносни мерки, го ограничуваат приватниот живот“.
Членовите и функциите на привремената технократска влада се: „Помошник-премиер и министер за здравство е Илко Семерџиев, заменик-премиер и министер за внатрешно уредување, безбедност и одбрана е Стефан Јанев, заменик-премиер и претседател на Европските фондови е Малина Крумова, заменик-претседател и одговорен министер за подготовките за претседавање со Европската Унија за 2018 е Деница Златева, министер за внатрешни работи е Пламен Узунов, министер за финансии е Кирил Ананиев, министер за труд и социјала е Галб Донев, министер за регионален развој и домување е Спас Попниколов, министер за образование и наука е Николај Денков, министер за надворшни работи е Ради Најденов, министер за правда е Марије Павлова, министер за култура е Рашко Младенов, министер за животна средина и води е Ирина Костова, министер за земјоделство и прехранбена индустрија е Христо Бозуков, министер за транспорт, информатички технологии и комуникации е Христо Алексиев, министер за економија е Теодор Седларски, министер за енергетика е Николај Павлов, министер за туризам е Стела Балтова и министер за млади и спорт е Даниела Дашева“.