Selen Valente Rasquinho
20 Мај 2025•Ажурирај: 21 Мај 2025
БРИСЕЛ (АА) - Високата претставничка на Европската Унија (ЕУ) за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, изјави дека се надева оти состанокот на министрите за надворешни работи, со кој ќе претседава, ќе резултира со нови одлуки за укинување на санкциите претходно воведени кон режимот предводен од Башар ал-Асад во Сирија, во спротивно може да се случи ситуација слична на она во Авганистан, известува Анадолу.
Калас разговараше со новинарите пред состаноците на министрите за надворешни работи и одбрана на земјите од ЕУ во Брисел.
Истакнувајќи дека министрите за надворешни работи ќе разговараат за укинување на санкциите кон Сирија, Калас рече:
„Се надевам дека денес ќе можеме да се согласиме за укинување на економските санкции“.
Зборувајќи дека земјите од ЕУ воделе интензивни дискусии за ова прашање пред состанокот, Калас истакна:
„Постои загриженост дали Владата (во Дамаск) оди во вистинската насока, но мислам дека немаме избор. Или ќе им дадеме можност да ја стабилизираат земјата или нема да им дадеме и ќе имаме нешто слично на она што се случи во Авганистан“.
Посочувајќи дека одлуката на САД за укинување на санкциите кон Сирија е позитивен чекор, Калас нагласи дека ЕУ е предводник во тој поглед.
- Санкции на ЕУ кон Сирија
Санкциите на ЕУ кон Сирија започнаа во мај 2011 година, по избувнувањето на граѓанската војна.
Кон лицата поврзани со режимот и кои се сметаа за одговорни за кршењето на човековите права беа преземени индивидуални рестриктивни мерки, како што се забрани за патување и замрзнување на средствата. Критични имиња во потесниот круг на режимот, од Башар ал-Асад до сириските министри, беа вклучени на списокот.
Покрај тоа, ЕУ воведе и секторски санкции кон Сирија, насочени кон секторите што се наоѓаат во срцето на финансиската мрежа на режимот. Во тој контекст, беа ограничени увозот на сурова нафта и нафтени производи, извозот на стоки што можат да се користат и за воени и за цивилни цели, како и дел од комуникациската опрема. Санкциите, исто така, опфаќаа финансирање на одредени иницијативи и инфраструктурни проекти.
На 24 февруари, ЕУ објави дека одлучила да ги „суспендира“ санкциите врз Сирија насочени кон сектори како што се банкарството, енергетиката и транспортот.
Претставниците на ЕУ нагласија дека одлуките во врска со укинување на санкциите се „повратни“ и дека ситуацијата во земјата се следи внимателно.