????? ????????
11 Ноември 2015•Ажурирај: 12 Ноември 2015
СКОПЈЕ (АА) - Собранието на Република Македонија на денешната 76. седница ги избра Оливер Спасовски за министер за внатрешни работи, Фросина Ташевска Ременски за министер за труд и социјална политика и Марта Арсовска - Томовска за министер за информатичко општество и администрација, јавува Anadolu Agency (AA).
За новиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски гласаа 101 пратеник, воздржани и против немаше, за Ташевска Ременски исто така гласаа 101 пратеник, воздржани и против немаше, додека за Арсовска - Томовска 71 пратеник гласаа „за“, додека 31 беа против.
Собранието претходно ги констатира оставките на министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика Митко Чавков и Диме Спасов, на министерот без ресот Висар Фида и на заменик министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска - Томовска.
Премиерот Никола Груевски, образложувајќи го предлогот за избор на новите членови на Владата во министерствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика, рече дека очекува од нив посветена и одговорна работа согласно законите.
"Очекувам новите министри и заменици да бидат фокусирани на изборниот процес, согласно Договорот од јуни/јули, да не ги кочат започнатите проекти на Владата и да бидат посветени на решавање на проблемите на граѓаните на РМ. Очекувам нивна посветеност и одговорно работење", рече Груевски.
Премиерот Груевски кажа дека очекува новите министри да ја преземаат целокупната законска и политичка одговорност пред сите граѓани на Република Македонија како репрезенти на политичките партии од каде се предложени и како членови на Владата.
Собранието на Република Македонија попладнево во рамки на 76-та седница ги избра замениците-министри за финансии Кире Наумов, за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и за информатичко општество и администрација Александар Кирацовски.
Поранешните министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика, Митко Чавков и Диме Спасов ги добија дополнителните заменички функции во ресорите кои досега ги раководеа. За заменик-министер во Министерството за информатичко општество и администрација е избран Тимчо Муцунски.
Премиерот Никола Груевски образложувајќи го предлогот за избор на заменици министри и дополнителните министри рече дека тие произлегуваат од Договрот јуни/јули од Скопје и измените на Законот за Владата.
Тројца од нив се по предлог на СДСМ и двајца по предлог на ВМРО-ДПМНЕ. Од редовите на СДСМ се Александар Кирацовски во Министерството за информатичко општество и јавна администрација, Љупчо Николовски во Министерството за земјоделство и Кире Наумов во Министерството за финансии.
За дополнителни министри од редовите на ВМРО-ДПМНЕ се предлагаат досегашните Митко Чавков во МВР и Диме Спасов во труд и социјална политика.Тимчо Муцунски е избран за заменик во Министерството за информатично општество и администрација на местото на Марта Арсовска Томовска, која стана министер во ова Министерство.
Со изборот на замениците-министри Собранието ја заврши 76.седница.