Ekipa
26 Март 2021•Ажурирај: 27 Март 2021
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, по повод годишнината од членството на земјата во НАТО, оствари телефонски разговор со генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Од Кабинетот на претседателот е соопштено дека во разговорот биле разменети мислења за улогата на Алијансата и справувањето со идните безбедносни предизвици, за регионалната стабилност и за надворешно-политичките приоритети на Северна Македонија.
Пендаровски се заблагодарил за досегашната помош во справувањето со последиците од пандемијата на Ковид-19, истакнувајќи дека солидарноста и поддршката на сојузничките земји е неопходна за надминување на новите реални предизвици со кои се соочуваат Европа и светот.
„Во телефонскиот разговор претседателот Пендаровски ја реафирмираше и подготвеноста и посветеноста на Северна Македонија во промовирање на мирот и стабилноста, истакнувајќи дека земјава и во иднина активно ќе придонесува во меѓународните мировни мисии предводени од НАТО во регионот и пошироко“, се истакнува во соопштението од Кабинетот.
Пендаровски нагласил дека Северна Македонија останува целосно посветена на реформите во одбраната и во безбедноста согласно стандардите на НАТО.
Пендаровски и Столтенберг разговарале и за документот НАТО 2030, кој треба да ја одреди иднината на НАТО Алијансата, во која од март минатата година и Северна Македонија е полноправна членка.