Besar Ademi
25 Август 2016•Ажурирај: 26 Август 2016
СКОПЈЕ (АА) - Решавањето на спорот со името не беше предмет на билатералната средба на министрите за надворешни работи на Грција и на Македонија, Никос Коsиас и Никола Попоски, но се разговараше за развојот и унапредување на мерките за градење на довербата меѓу двете земји и продлабочување на соработката во различни области, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Попоски истакна дека фокусот на развивањето на соработката и градењето на довербата се потребни за да се дојде до ниво кога би можело да се разговара за други прашања.
„Името и блокадата се реални, тие се проблем. Во однос на тоа имаме различни ставови и тоа е констатирано во минатото и е факт. Од друга страна, има друга реалност на која може да се влијае, а тоа е создавањето на клима на поголема доверба меѓу двете земји и зголемување на соработката меѓу нас. Тоа го правиме преку мерките за градење доверба и на тоа сме посветени. Доколку има една реалност и таа не може да се промени, а тоа е разликата која постои меѓу нас во однос на спорот за името и чувството дека нашиот пат кон ЕУ и НАТО е попречен поради оваа блокада, можеме да се посветиме на тоа што и де факто сакаме да го постигнеме, а тоа е поголема стабилност, поголем економски просперитет за нас и за нашата држава, истакна Попоски.
Тој додаде дека ова може да се постигне и преку членството во НАТО и во ЕУ, но, како што рече, и сега и тогаш тоа ќе зависи од двете земјите.
„Во овој контекст мислам дека Грција е многу важна, можеби и најважната за градење на економската стабилност и просперитет и затоа најдобро е сами да си бидеме газди на нашата иднина, да си ја креираме и да седнеме и со Грција и со која било друга држава да градиме што е можно повеќе мостови", истакна министерот Попоски.
Од друга страна, министерот Коцијас рече дека сите проблеми од минатото треба да се решаваат со компромис, преку довербата и соработката меѓу двете земји. Тој, како пример за ова ја зеде бегалска криза во која што додаде, со меѓусебна соработка на двете земји, најдобро да се соочуваат со оваа криза. Додаде дека верува дека во иднина оваа соработка ќе продолжи да се подобрува.
„Не значи дека во иднина нема да има проблеми, но ние најдовме начин и метод да ги решаваме или да зборуваме за тие проблеми", рече Коsиас.
Запрашан од новинарите дали до нив стасало официјално барање од Турција за затворање на институции и организации поврзани со терористичката организација ФЕТО, министерот за надворешни работи Никола Попоски, рече дека не е потврдено такво нешто, но изјави дека ставот на Македонија бил и ќе биде дека ги поддржува демократски избраните институции во Турција.
„Нашиот став беше и ќе биде дека Македонија ги поддржува единствено демократските избрани институции во Турција и во тој поглед ќе соработуваме со Владата во Анкара во насока на помогнување, односно остварување на нивните цели. Секако, во рамки на нашето законодавство и во рамките на нашите интереси" , изјави Попоски.
Грчкиот министер за надворешни работи денеска во Скопје се сретна и со претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов и со премиерот Емил Димитриев, а имаше обраќање пред Амбасадорскиот совет во Министерството за надворешни работи на Макеоднија.