политика

Сиљановска-Давкова му честита на албанскиот претседател за успешното отворање на преговорите за членство во ЕУ

Претседателката Сиљановска-Давкова нагласи дека Северна Македонија останува силно посветена на сопствениот пат кон ЕУ и продолжува да ги спроведува неопходните реформи

Abdula Berisha  | 08.10.2024 - Обновена : 09.10.2024
Сиљановска-Давкова му честита на албанскиот претседател за успешното отворање на преговорите за членство во ЕУ

СКОПЈЕ (АА) - Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, оствари средба со претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, во Тиват, Црна Гора, каде што учествуваат на состанокот на лидерите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони, пренесува Анадолу.

Како што соопштуваат од Кабинетот на претседателката, на средбата беше изразено задоволство од тековниот политички дијалог меѓу двете земји, како и од билатералната вклученост во различни регионални и мултилатерални иницијативи што помага во постигнувањето на заедничката цел - јакнење на регионалните врски, градење на просперитетна иднина за граѓаните и унапредување на визијата за меѓусебно поврзан регион.

„Претседателката Сиљановска-Давкова упати честитки до албанскиот претседател за успешното отворање на Кластерот 1 во преговорите за пристапување на Албанија во ЕУ и оцени дека тоа е значајно достигнување не само за Албанија, туку и за целиот регион и дека напредокот постигнат од секоја земја кандидат од Западен Балкан позитивно влијае на заедничката регионална динамика“, стои во соопштението.

Во тој контекст, претседателката Сиљановска-Давкова нагласи дека Северна Македонија останува силно посветена на сопствениот пат кон ЕУ и продолжува да ги спроведува неопходните реформи, „истовремено активно работејќи со нашите партнери од ЕУ на обезбедување одржлив и предвидлив аранжман со цел придвижување на процесот напред“.

Соговорниците ја истакнаа и одличната соработка во рамките на НАТО, каде двете земји редовно се координираат и дејствуваат заедно за прашања од заеднички интерес, при што посочија дека партнерството во НАТО е клучен аспект на заедничката безбедност.

На средбата беше разговарано и за малцинските права во двете земји.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.