Elena Trenchevska Chekovic
10 Јуни 2026•Ажурирано: 10 Јуни 2026
Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, денеска од Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Софија повика на оживување на духот на регионалната соработка и враќање кон принципите врз кои пред три децении беше воспоставен овој процес, пренесува Анадолу.
Во своето обраќање, како што објави Кабинетот, Сиљановска-Давкова истакнала дека Југоисточна Европа се соочува со сериозни предизвици, меѓу кои масовното иселување на младите, стареењето на населението, економското заостанување и влошените геополитички околности.
Како што нагласи, овие предизвици бараат храбро и одговорно лидерство засновано на заедничките интереси и солидарноста, наместо на парцијалните интереси.
Сиљановска-Давкова истакна дека процесот на проширување на Европската Унија треба да се темели на Копенхашките критериуми, при што напредокот во спроведувањето на реформите треба да го определува темпото на пристапниот процес.
Претседателката посочи на потребата од дебалканизација преку европеизација.
Сиљановска-Давкова оцени дека европската интеграција претставува природна, но и геополитичка и безбедносна неопходност за земјите од регионот.
Таа нагласи дека стабилен, просперитетен и европски Балкан е во интерес и на државите од регионот и на Европа.
Претседателката повика на регионална одговорност и порача дека успехот на секоја држава треба да се доживува како успех на целиот регион, а натпреварот да се води во знаење, иновации, култура и економски развој, наместо во блокади и поделби.