Sibel Vezaj
29 Септември 2016•Ажурирај: 30 Септември 2016
ПРИШТИНА (АА) - Директорот на косовската полиција за регионот на Митровица е приведен од страна на српската полиција во местото Бела земја. Тој поминувал на граничниот премин Косово-Србија, јавува Anadolu Agency (AA).
Ова го потврди портпаролот на косовската полиција Даут Хоџа, кој во изјавата за АА рече дека директорот на косовската полиција за регионот на Митровица, Нехат Тачи е приведен синоќа среде ноќ, кога тој не бил на должност. Хоџа истакна дека директорот бил на пат заедно со неговиот пријател, кој сакал да помине низ Србија за да патува во друга држава.
Хоџа додаде дека Србија сѐ уште не се огласила во врска со настанот. Тој рече дека преку ЕУЛЕКС ќе воспостават комуникација за да разберат која е причината за приведувањето.
Во меѓувреме, се знае дека Нехат Тачи бил припадник на Ослободителната војска на Косово и за него Владата на Србија има распишано потерница за апсење поради неговото учество во последната војна во Косово.