Трамп му испратил писмо на Хамнеи, повикувајќи на преговори за нуклеарното оружје
„Му реков дека се надевам дека ќе преговара, бидејќи тоа ќе биде многу подобро за Иран“

Истанбул
Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека му испратил писмо на врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, со повик за преговори со цел да се спречи Иран да развие нуклеарно оружје, пренесува Анадолу.
Во писмото, што го испратил вчера, Трамп ја нагласил својата склоност кон дипломатија наместо воена акција, објави „Aксијос“, повикувајќи се на интервјуто за „Фокс бизнис нетворк“.
„Му реков дека се надевам дека ќе преговара, бидејќи тоа ќе биде многу подобро за Иран“, изјави Трамп.
Тој додаде дека „другата алтернатива“ е дека ќе мора да се преземе „нешто“, бидејќи „не можеме да дозволиме тие да поседуваат нуклеарно оружје“.
Претходно оваа недела, Русија соопшти дека се согласила да му помогне на Трамп да работи со Иран во врска со неговата нуклеарна програма.
Трамп ги даде овие изјави во период на измешани сигнали од неговата администрација во однос на Иран. Додека тој вети повторно воведување на политиката на „максимален притисок“ врз Техеран, истовремено повика и на „верификуван мировен нуклеарен договор“.
САД се повлекоа од иранскиот нуклеарен договор (JCPOA) во 2018 година, воведувајќи строги санкции и дипломатски изолирајќи ја земјата.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.