Adel Ömeragiç
19 Мај 2016•Ажурирај: 20 Мај 2016
ПОДГОРИЦА (АА) - Шефовите на дипломатиите на земјите членки на НАТО денес потпишаа договор во Брисел за пристап на Црна Гора кон Алијансата. Во име на Црна Гора, на состанокот во Брисел присуствуваше делегација предводена од страна на премиерот Милo Ѓукановиќ, јавува Anadolu Agency (AA).
Потпишувањето на протоколот ја отвори и завршната фаза на пристапување на Црна Гора како полноправна членка на НАТО. По ова потпишување, останува ратификацијата на земјите членки, кои мораат врз основа на интерна процедура во своите парламенти да го ратификуваат тој документ. На крајот, останува Црна Гора да го ратификува тој документ, со што се завршува процесот.
По потпишување на протоколот за пристап, Црна Гора ќе почне да учествува во работните тела на НАТО, заедно со сите останати членки. Исто така, Црна Гора ќе учествува на сите состаноци на министрите за надворешни работи на членките на НАТО.
Во пресрет на потпишувањето, премиерот Мило Ѓукановиќ порача дека денешниот ден има посебна симболика за Црна Гора бидејќи кореспондира со одбележување на една деценија од независноста на Црна Гора.
„Чест ми е што имам можност да ви се обратам во овој важен момент за мојата земја. Еднакво важно како и 2-ри декември, кога ја пративте поканата. Со потпишувањето на ниво на министри за надворешни работи одадовте големо признаение на нашите напори на патот кон полноправно членство”, изјави Ѓукановиќ.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека Црна Гора поминала долг пат на реформи.
„Реформираше закони, изгради институции, најде свое место во меѓународната заедница, ја охрабруваше соработката и компромисот на Балканот. Од денес Црна Гора ќе биде земја повикана на НАТО состаноците”, изјави Столтенберг.
НАТО формално ја повика Црна Гора да започне со пристапните преговори во декември 2015 година.