Kristina Maslareviç
10 Март 2016•Ажурирај: 11 Март 2016
БЕЛГРАД (AA) - Обвинетиот од Хаг, Воислав Шешељ, утрово пак се појави пред зградата на Специјалниот суд во Белград, иако сослушувањето е откажано. Тој се обиде да разговара со судијата, а потоа ги запали знамињата на ЕУ и НАТО сојузот, јавува Anadolu Agency (AA).
"Дали дојдов? Го има ли судијата? Го нема. Го има ли претседателот на судот? Го нема. Барав да разговарам со претседателот на судот затоа што не одговори на моето барање постапката да биде јавна, да можат граѓаните да присуствуваат и новинарите да снимаат", рече Шешељ по излегувањето од Судот, пред собраните симпатизери на Радикалната партија.
Тој додаде дека не добил одговор, но синоќа добил писмо во кое го известуваат дека сослушувањето закажано за денес се одложува за во иднина, "со оглед дека до овој момент Советот за распит на Хашкиот трибунал не доставил одговор на барањето на Република Србија, во кое се барани одговорите на одредени процесни прашања".
"Процесните прашања пред нашите судови треба да се уредуваат во Србија, а не да се бараат упатства за процесните прашања од Хашкиот трибунал. Нема да одам доброволно, но ќе ја искористам секоја прилика, во секој момент, да нанесам стручна, професионална, политичка и морална штета на Хашкиот трибунал", рече Шешељ.
Тој наведе дека по усвојувањето на IPAP спогодбата со НАТО, Србија веќе не е слободна и независна држава и дека НАТО слободно "шпарта по нашата територија".
Шешељ рече дека овој режим греши во сите политики бидејќи сака да ја воведе Србија во ЕУ, "каде што се сите традиционални српски непријатели".
"Ние не сакаме во ЕУ, не сакаме ниту во НАТО", рече Шешељ и за да покаже "што навистина српскиот народ мисли за ЕУ и НАТО пактот", ги запали знамињата на ЕУ и НАТО.
Тој додаде дека со нетрпение го очекува новото закажување на сослушувањето, кога, според него, ќе добие можност стручно да се објасни зошто нема правна основа за негово предавање како и дека Српската радикална партија (СРС) ќе направи сè да спречи предавање на трите членови од оваа партија на Хашкиот трибунал.
Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија, во јануари 2003 година, го обвини Воислав Шешељ за поттикнувaње злосторства против човештвото и за кршење на законите и обичаите на војувње на подрачјето на Хрватска, Босна и Херцеговина и Војводина. Обвинет е дека со "говорите и изјавите придонел кај извршителите да се создаде решителност да ги сторат наведените злосторства".
Шешељ доброолно се предаде во Хаг на 24-ти февруари 2003 година, каде што во притвор четири години го чекаше почетокот на судењето, до ноември 2007 година.
Со одлуката на Судскиот совет на Хашкиот трибунал, во ноември 2014 година, пуштен е на привремена слобода во Србија, до изрекување на пресудата, како што е наведено, поради хумани причини, бидејќи неколку недели порано му се влоши здравствената состојба.
Жалбениот совет на Хашкиот трибунал израде налог за екстрадиција на Воислав Шешељ до 31 март, за кога е закажано изрекувањето на пресудата.