Betül Yürük
01 Февруари 2016•Ажурирај: 02 Февруари 2016
ЖЕНЕВА (АА) - Портпаролот на врховниот преговарачки комитет на сириската опозиција Салим ал Муслат, ја обвини Русија за окупирање на Сирија, наместо како членка на Советот за безбедност на ОН, да работи на сопирање на војната во таа земја, јавува Anadolu Agency (АА).
Претставникот на делегацијата на сириската опозиција, на преговорите во Женева изјави дека добиле оптимистички пораки во врска со исполнувањето на барањата на опозицијата, изразувајќи надеж дека на терен ќе биде виден напредок кога станува збор за овие барањa.
Муслат најави дека во Женева ќе отпатува и координаторот на Врховниот преговарачки комитет Ријад Хиџаб и главниот преговарач на опозицијата Мухамед Аљуш.
Осврнувајќи се на тоа дека на самите преговори не се поканети претставници на милитантната курдска група ПЈД, сирискиот огранок на терористичката организација ПКК, Муслат рече дека составот на Комитетот формиран во Ријад секако има претставници на курдската заедница во Сирија.
Коментирајќи ги руските воздушни операции во Сирија, Mуслат изјави дека Москва не помага туку создава нови проблеми во Сирија.
"Русија, како членка на Советот за безбедност ја окупира Сирија, наместо да работи на сопирање на војната. Се надеваме дека ОН ќе изврши притисок врз официјална Москва за да запре со воздушните напади", рече Mуслат.
Главната точка на преговорите во Женева треба да биде имплементацијата на овој план за политичко решение на кризата во Сирија, кој беше усвоен на 14-ти ноември во Виена.
Оваа одлука предвидува завршување на преговорите и воспоставување на преодна влада во период од шест месеци. А паралелно со тоа да се воспостави и прекин на огнот на фронтовите. Во следната фаза од 12 месеци се предвидува изработка на нов устав и одржување на транспарентни избори во Сирија.