Betül Yürük
09 Март 2017•Ажурирано: 10 Март 2017
ЊУЈОРК (АА) – Специјалниот пратеник на Обединетите нации (ОН) за Сирија, Стефан Де Мистура соопшти дека на 23. март ќе започне 5. рунда од мировните преговори за Сирија во Женева, јавува Anadolu Agency (AA)
По завршувањето на 4. рунда мировни преговори за Сирија во Женева, Де Мистура го информираше Советот за безбедност на ОН.
Откако заврши состанокот во Советот, Де Мистура во изјава за новинарите истакна дека не очекувале некое „чудо“ од 4. рунда преговори во Женева, кои траеја 9 дена, но нагласи дека никој не ја напуштил преговарачката маса и дека постигнале успех што никогаш не можеле да го предвидат.
Де Мистура истакна дека двете страни првпат се сретнале во иста просторија и дека биле сериозни во врска со решавањето на состојбата. Тој информираше дека во следните преговори ќе се дискутира за управувањето во државата, уставниот процес, изборите, како и за борбата против тероризмот.
Тој соопшти дека на 23. март ќе започне 5. рунда мировни преговори за Сирија во Женева. Исто така, нагласи дека уште извесен период, наместо директно, преговорите ќе се спроведуваат индиректно.
- „Без примирје, преговорите ќе бидат кревки“ -
Де Мистура информираше дека на преговорите во главниот град на Казахстан, во Астана ќе се дискутира за прекршувањето на примирјето. Тој предупреди дека без едно силно примирје, мировните преговори ќе бидат кревки.
Тој нагласи дека не ќе може да учествува во техничките преговори во Астана.
Де Мистура зборуваше во врска со средбата на началникот на Генералштабот на турската армија, армискиот генерал Хулуси Акар, началникот на Генералштабот на армијата на САД, армискиот генерал Џозеф Френсис Данфорд и началникот на Генералштабот на армијата на Русија, Валери Герасимов во турскиот град Анталија. На крајот додаде дека одржаната тројна средба е важен состанок за борбата против тероризмот.