Ayhan Şimşek
08 Октомври 2026•Ажурирано: 08 Октомври 2026
Само околу 40% од 100 милијарди евра што Германија ги прикажува како билатерална помош за Украина навистина стигнале до земјата, соопшти денес Институтот за светска економија „Кил“, оценувајќи дека главната бројка доведува во заблуда, јавува Анадолу.
Инструментот на институтот за следење на поддршката за Украина покажа дека 41,7 милијарди евра може да се сметаат за помош што навистина стигнала до Украина.
Уште 35,9 милијарди евра биле потрошени во Германија, главно, за украинските бегалци, а 22 милијарди евра се идни ветувања чие спроведување сè уште е неизвесно.
„Германија е убедливо најголем европски донатор за Украина. Но комуникацијата на германската Влада за нејзината помош станува сè поконфузна“, рече Кристоф Требеш, раководител на Следењето на поддршката за Украина.
„Бројката од 100 милијарди евра доведува во заблуда и погрешно е означена како ‘билатерална помош за Украина’. Ова е жално, имајќи предвид колку многу прави Германија“, рече тој.
Според податоците во август, Владата ја процени кумулативната поддршка на 100 милијарди евра заклучно со 30 јуни, вклучително 43,3 милијарди евра цивилна помош и 57,6 милијарди евра воена помош, која ја опиша како „обезбедена или предвидена за следните години“.
Експертите на институтот „Кил“ рекоа дека бројката брзо станала дел од медиумските и политичките дискусии, но ретко била објаснувана или детално прикажувана.