Oliver Towfigh Nia
30 Јули 2026•Ажурирано: 30 Јули 2026
Речиси 10.000 луѓе во Германија починале како последица на жештините заклучно со 19 јули, соопшти денес германскиот Институт за јавно здравје, што претставува највисок годишен биланс откако се води евиденција од 2016 година, јавува Анадолу.
Според процените на институтот „Роберт Кох“ (РКИ) со седиште во Берлин, околу 9.800 луѓе починале како последица на високите температури до 19 јули, со што е надминат вкупниот број забележан во која било цела година од 2016 година наваму.
Претходно највисока годишна бројка е забележана во 2018 година, кога РКИ процени околу 8.900 смртни случаи поврзани со жештините.
Институтот соопшти дека повеќе од 5.000 од годинашните смртни случаи се поврзани со топлотниот бран во втората половина на јуни, кога температурите достигнаа околу 40 Целзиусови степени во многу делови на Германија.
Според институтот, се проценува дека 7.900 смртни случаи поврзани со жештините се случиле од почетокот на април до 12 јули, а уште 1.900 се регистрирани во текот на неделата од 13 до 19 јули.
Институтот наведе дека жештините ретко предизвикуваат смрт директно, но често придонесуваат за смртни исходи во комбинација со претходно постојни заболувања, како што се кардиоваскуларни, белодробни и бубрежни болести.
Според германските медиуми, ниските водостои на Рајна го загрозуваат речниот сообраќај поради долготрајните жештини што ја зафатија Европа.
Јавниот сервис СВР објави дека водостоите на мерното место Кауб на Средна Рајна се приближуваат до рекордно ниско ниво поставено во 2018 година, кога мерната станица забележа 25 сантиметри.
Центарот за прогнозирање на поплави во Рајнска област-Пфалц соопшти дека водостоите денес биле само неколку сантиметри над претходниот рекорд и се очекува да продолжат да опаѓаат во текот на утрешниот ден.
И покрај тоа што пловидбата продолжува бидејќи реката е доволно длабока во пловниот канал, поради нискиот водостој превозниците мораа да ги намалат товарните капацитети.