İlayda Çakırtekin
26 Јуни 2026•Ажурирано: 26 Јуни 2026
Данската Влада објави планови за ограничување на дозволите за престој за Украинците, насочени кон мажи на возраст од 23 до 60 години што не се ослободени од воена служба, пренесува Анадолу.
Цел е да се сменат правилата во рамките на специјалниот закон за Украина, кој им дава привремен престој во Данска на лица раселени од Украина, соопшти Владата.
Според новите мерки, украинските мажи на возраст од 23 до 60 години, кои не се ослободени од воена обврска, повеќе не може да добијат дозвола за престој во Данска.
„Данска стои рамо до рамо со Украина во нејзината борба за слобода. Затоа сега го менуваме специјалниот закон за Украина бидејќи не е наменет правилата за престој кај нас да се користат за избегнување мобилизација во украинските одбранбени сили“, изјави министерот за имиграција и интеграција Мортен Бодсков.
Предлогот нема да влијае врз веќе издадените дозволи за престој, соопшти Владата.
Минатиот март норвешката Влада воведе слична мерка, со која се укина колективната заштита за мажи на возраст од 18 до 60 години.
Долниот дом на чешкиот Парламент, исто така, во четвртокот во прво читање усвои владин закон со кој се заоструваат условите за привремена заштита за украинските бегалци, пренесува Чешкото радио.
На почетокот на јуни полскиот заменик-министер за внатрешни работи Мациеј Душчик, исто така, најави дека може да ги поддржи предлозите за исклучување на украинските мажи во воена возраст од привремена заштита во ЕУ, според ТВП Ворлд.