Beyza Binnur Dönmez
11 Август 2026•Ажурирано: 11 Август 2026
Епидемијата на ебола во источниот дел на Демократска Република Конго се шири со брзина каква што досега не е забележана во земјата, предупреди познатиот конгоански виролог Жан-Жак Муембе, јавува Анадолу.
Во епидемијата, која конгоанските власти официјално ја прогласија на 15 мај, до 7 август се регистрирани 4.209 потврдени случаи, од кои 1.916 лица починале, објави денеска францускиот весник „Ле Монд“.
Бројот на починати се приближува до оној во епидемијата на ебола во 2018 година, која траеше 22 месеци и животите ги загубија 2.287 лица, со што е најсмртоносна епидемија што досега е регистрирана во Конго.
Муембе, кој во 1976 година беше меѓу научниците што го открија вирусот ебола и сè уште е директор на Националниот институт за биомедицински истражувања во Киншаса, изјави дека вирусот веројатно циркулирал уште во јануари, но бил откриен дури во април или мај.
„Ова е исклучителна брзина на ширење, каква што досега не сме забележале“, изјави тој за „Ле Монд“.
Тој оцени дека одговорот на епидемијата бил „бавен и неефикасен“, посочувајќи на слабостите во надзорот, проблемите во координацијата, како и влијанието на вооружениот конфликт и рударските активности во густо населените источни региони.
Муембе, исто така, предупреди дека официјалните податоци може значително да го потценуваат вистинскиот обем на епидемијата бидејќи дел од заразените остануваат дома и не се откриваат.
За краток период епидемијата се проширила од три на 53 здравствени зони и од три на пет провинции, додаде тој.
Епидемијата е предизвикана од сојот бундибуџо, за кој во моментов нема одобрена вакцина или терапија. Во Бунија и Мунгбвалу се спроведуваат клинички испитувања на терапии со антитела и антивирусни лекови.
Експерти на Светската здравствена организација (СЗО) во петокот препорачаа лиценцираната вакцина против ебола „Ервебо“ да биде приоритет за испитување во рандомизирано клиничко испитување во услови на актуелната епидемија.
СЗО соопшти дека нејзината техничка група ја дала оваа препорака по разгледувањето на нови податоци, според кои вакцината „Ервебо“ покажува одредено ниво на заштита од вирусот бундибуџо кај животни, особено во спречувањето смртен исход.
„Ервебо“ е единствена лиценцирана вакцина против ебола, но одобрена е за спречување на заболување предизвикано од вирусот заир еболавирус, а не од вирусот бундибуџо.