Said Amori,Esat Fırat
19 Декември 2025•Ажурирај: 20 Декември 2025
ЕРУСАЛИМ/АНКАРА (АА) – Израелскиот министер за финансии Безалел Смотрич одобри план за изградба на нова нелегална еврејска населба со 3.600 станбени единици во окупираниот Источен Ерусалим, објавија медиумите, пренесува Анадолу.
Населбата, наречена Мишмар Јехуда, ќе се гради на површина од 3.380 дунами (околу 835 акри) земјиште во источниот дел на градот, пренесе телевизијата Канал 7.
Смотрич на социјалната мрежа X изјави дека населбата ќе служи како „стратегиска база за заштита на Ерусалим од исток“ и дека е дел од израелската политика за зајакнување на контролата врз оваа област.
Иако со новата населба се крши меѓународното право, Смотрич тврди дека таа ќе „обезбеди десетици илјади станбени единици“ и ќе го „зацврсти источниот периметар на Ерусалим“.
Тој наведе дека „историскиот“ план ќе помогне во зацврстувањето на израелскиот суверенитет и ќе го спречи воспоставувањето палестинска држава на окупираниот Западен Брег.
Израелскиот Кабинет на 12 декември, исто така, одобри формирање на уште 19 нелегални населби на Западниот Брег, со што дополнително се заоструваат мерките за анексија.
Израелската левичарска група „Мир сега“ соопшти дека околу 500.000 нелегални израелски доселеници живеат во населби низ Западниот Брег, а 250.000 живеат во населби изградени на земјиште во окупираниот Источен Ерусалим.
Проширувањето и формалната анексија на Западниот Брег практично би ја поништиле можноста за спроведување на решението со две држави – израелска и палестинска – предвидено во резолуциите на Обединетите нации.
Израел беше основан во 1948 година на палестинска територија, а подоцна ги окупираше преостанатите палестински територии. Последователните израелски влади одбиваа повлекување и формирање независна палестинска држава со Источен Ерусалим како нејзин главен град.