Şahin Demir
15 Септември 2026•Ажурирано: 15 Септември 2026
Иранското Министерство за надворешни работи поднесе официјален протест до Австрија откако на шефот на иранската нуклеарна агенција му беше забранет влез во Виена за да присуствува на годишната конференција на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), објавија иранските медиуми денес, пренесува Анадолу.
Министерството пратило официјално писмо до Австрија, протестирајќи поради одлуката да не му се издаде потребното одобрение за влез на Мохамад Еслами, потпретседател и раководител на Организацијата за атомска енергија на Иран (АЕОИ), објави новинската агенција ИСНА.
Еслами и неговата делегација во саботата отпатуваа за Виена со редовен лет, но беа запрени на аеродромот во Истанбул бидејќи не добиле одобрение за влез во Виена.
Подоцна дента тој се вратил во Техеран.
Според ИСНА, одобрението било блокирано поради „опструкција“ од страна на САД и уште една земја во регионот, чиј идентитет не е наведен.
Агенцијата наведува дека се верува оти одбивањето е поврзано со повторното активирање на механизмот за автоматско враќање на санкциите на ОН („snapback“) предвиден со нуклеарниот договор со Иран од 2015 година.
Двајца заменици на Организацијата за атомска енергија на Иран, Бехруз Камалванди и Мохамад Реза Кардани, кои не се наоѓаат на списокот со санкционирани лица на ОН, успеале да отпатуваат во Виена.
Високи ирански политички и нуклеарни претставници во претходните години добивале одобрение за присуство на состаноци во седиштето на МААЕ, а Еслами присуствувал на годишната конференција на агенцијата минатата година.
Поради неговото отсуство, обраќањето на Иран на конференцијата беше одложено за вторник попладне.