Riyaz Khaliq Khaliq
14 Мај 2026•Ажурирај: 14 Мај 2026
Кинескиот претседател Си Ѓинпинг порача дека Вашингтон и Пекинг по никоја цена не смее да ги нарушат меѓусебните односи, нагласувајќи дека двете земји треба да бидат партнери, а не непријатели, јавува Анадолу.
„Остварувањето на големата преродба на кинеската нација и повторното правење на Америка голема може да одат 'рака под рака‘“, рече Си, обраќајќи им се на Трамп и на американската делегација на свеченaта државна вечера во Големата сала на народот во Пекинг.
„Може да си помогнеме едни на други да успееме и со тоа да го подобриме животот на целиот свет.“
„Двајцата веруваме дека билатералните односи меѓу Кина и САД се најважни во светот. Мора да направиме тие да функционираат и никогаш да не ги нарушиме“, истакна Си.
Трамп е во тридневна државна посета на Кина, прва на еден актуелен американски претседател по девет години.
Претходно во текот на денот Си и Трамп одржаа билатерален самит, кој Белата куќа го опиша како „добар состанок“.
Иако Си не го спомена Тајван во својот говор на државната вечера, тој вообичаено го користи терминот „голема преродба на кинеската нација“ за да укаже на „обединувањето на Тајван“ со копнениот дел на земјата.
„Во контекст на новата ситуација, претседателот Трамп и јас сме целосно свесни за очекувањата на нашите две нации и на меѓународната заедница, имавме повеќе состаноци и телефонски повици и ги одржувавме односите меѓу Кина и САД генерално стабилни“, рече Си.
Опишувајќи ја посетата на Трамп како „историска“, кинескиот лидер рече: „И Кина и САД добиваат од соработката и губат од конфронтацијата; нашите две земји треба да бидат партнери, а не соперници.“
Посочувајќи дека денешниот свет е „променлив и турбулентен“, Си рече дека односите меѓу Кина и САД влијаат врз „интересите на над 8 милијарди луѓе во светот“.
„Двете страни треба да се држат до оваа историска одговорност и гигантскиот брод на кинеско-американските односи да го управуваат стабилно и во вистинска насока“, додаде тој.
Кинескиот лидер изјави дека Трамп се согласил да изградат конструктивни односи меѓу Кина и САД засновани врз стратегиска стабилност. Целта е овие врски да се развиваат стабилно, здраво и одржливо, со што ќе придонесат за поголем мир, напредок и благосостојба во целиот свет.
Предвидено е Си и Трамп повторно да се сретнат утре на кинеска церемонија за чај, како и на работен ручек, пред претседателскиот авион „Ер Форс Уан“ да го врати американскиот претседател во САД.
Трамп е придружуван од првиот американски дипломат Марко Рубио, како и од шефот на одбраната Пит Хегсет, што е ретка појава за шеф на Пентагон.
Хегсет и неговиот кинески колега Донг Џун беа видени како разговараат во Големата сала пред Си и Трамп да влезат во просторијата за ручек.