Betül Yürük
14 Април 2016•Ажурирај: 14 Април 2016
ЖЕНЕВА (АА) - Специјалниот пратеник на Обединетите нации за Сирија, Стефан де Мистура, вчера во Женева изјави дека сè почестото кршење на примирјето би можело да ги загрози мировните преговори, јавува Anadolu Agency (AA).
Де Мистура по состанокот со делегацијата на опозициониот Висок преговарачки совет, на првиот ден од новиот круг преговори во седиштето на Обединетите нации (ОН) на новинарите им соопшти дека е ставен приоритет на политичката транзиција.
„Наш приоритет е процесот на политичка тразиција во Сирија кој би се состоел од власт и устав”, рече Де Мистура.
Истакна дека во текот на денешните разговори со опозицијата изрази загриженост поради влошувањето на безбедносната ситуација во Сирија.
„Сепак, договорот за прекин на судирите сè уште се применува”, нагласи Де Мистура.
На крајот напомена дека не може да даде точен датум кога ќе започнат директните преговори помеѓу делегациите на сирискиот режим и опозицијата.
Да потсетиме, во Женева вчера започна нов круг мировни преговори за Сирија на кои ќе се направат обиди за изнаоѓање на решение за со војна зафатената земја.
Првиот ден од преговорите во седиштето на ОН, специјалниот пратеник на ОН за Сирија одржа состанок со делегацијата на опозициониот Висок преговарачки совет. Состанокот, одржан зад затворени врати, траеше два часа.
Делегацијата на сирискиот режим сè уште не пристигнала во Женева за новиот круг преговори. Се очекува претставниците на сирискиот режим да пристигнат утре, кога ќе учествуваат во индиректните преговори.
Во текот на новиот круг преговори, најмногу ќе се разговара за процесот на политичка транзиција во Сирија.