Servet Günerigök
25 Јуни 2019•Ажурирај: 25 Јуни 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател, Доналд Трамп, истакна дека не мора да добие одобрување од Конгресот за да го нападне Иран, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Сакам да ги информирам напоредно, но не морам да го правам тоа законски“, рече Трамп за време на интервјуто со весникот „Хил“ („The Hill“), мислејќи на законодавците.„Тие се интелигентни луѓе, ќе смислат нешто. Всушност, научив неколку работи пред некој ден, кога имавме средба со Конгресот“.
Неговите коментари доаѓаат како одговор на претседателот на Конгресот, Ненси Пелоси, која во петокот рече дека претседателот мора да има овластување од Конгресот пред Вашингтон да започне воена акција против Иран.
„Не се согласувам. Повеќето луѓе не се согласуваат“, рече Трамп.
Трамп во петокот рече дека САД имале намера да нападнат три локации во Иран во знак на одмазда за иранското соборување на американското беспилотно летало, но рече дека ги откажал нападите поради загриженост дека тие би биле непропорционален одговор.
„Околу 150 Иранци ќе беа убиени во нападите“, рече тој.
Зеленото светло од Конгресот за претседателот да започне воена акција против Иран во последно време беше прашање на дебата меѓу законодавците.
Според „Си-eн-eн“ (CNN), републиканскиот сенатор Џим Инхофе, претседател на Комитетот за вооружени служби при Сенатот, рекол дека Трамп има овластување да преземе воена акција против Техеран, тврдејќи „ние сме во војна со нив“.
Вашингтон и Техеран ја оспоруваат локацијата на којашто е соборено беспилотното летало од страна на иранска ракета копно-воздух минатата недела. Техеран вели дека леталото навлегло во иранскиот воздушен простор кога е нападнато, додека Вашингтон тврди тоа се наоѓало над меѓународни води.
Тензиите меѓу САД и Иран се во пораст од мај 2018 година, кога Вашингтон еднострано се повлече од историскиот договор за нуклеарната програма меѓу Техеран и петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН, плус Германија и ЕУ.
САД оттогаш започнаа дипломатска и економска кампања за зголемување на притисокот врз Иран, со цел да го принудат на повторни преговори за договорот.
Дел од кампањата вклучуваше и повторно воведување американски санкции за извозот на иранската сурова нафта, кои имаа за цел слабеење на иранската економија.